Мицкоски инспириран да бара уште евтини пари како унгарските поради огромниот интерес: Бизнисот ни е гладен
Бизнис-заедницата покажала интерес за повеќе од 250 милиони евра, пари од унгарскиот кредит, кои Владата ги намени за компаниите во земјата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека големиот интерес го инспирирал да бара уште такви пари.
„За жал, интересот до овој момент е 380 милиони евра. Значи, бизнисот ни е гладен. Имало проекти, не било дека нема проекти, туку можеби требало евтини пари за да може тие проекти да се реализираат. За нас, ова претставува дополнителна инспирација, мотив да најдеме повторно евтини пари“, рече премиерот Мицкоски.
Тој очекува бизнисите што ќе бидат финансирани со пари од унгарскиот кредит да донесат нови вработувања, повеќе од бројката поставена како цел.
„Кога разговаравме со стопанските комори, поставивме цел од 5.000 нови работни места, но моите информации велат дека таа бројка е удвоена со овие проекти, кои сега бараат финансирање од оваа унгарска линија, и тоа се 380 милиони евра. Очекувам таа бројка да дојде и до половина милијарда, што за мене претставува повторно предизвик, инспирација да побарам нови вакви средства за бизнисот затоа што очигледно дека бизнисот е гладен, сака развој“, вели премиерот Мицкоски.
На располагање на домашното стопанство се 250 милиони евра за кои компаниите со проекти аплицираат во комерцијалните банки за кредит со каматна стапка од 1,95 процент и рок на отплата до 15 години. Максималниот износ за кој може да аплицираат е 10 милиони евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа