Манасиевски: ОЈО да ја провери улогата на Филипче во случајот Онкологија
Случајот со Онкологија е веќе втор случај по пресудата за Модуларната болница, каде што некогашниот министер за здравство, а сега привремен чувар на местото претседател на СДС, Венко Филипче е изземен од одговорност, изјави на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски вели дека човекот кој бил министер за здравство во периодот кога на Онкологија се правел овој криминал од тешки размери, каде што е оштетен Буџетот во износ од над 2,2 милијарди денари, бил Венко Филипче.
-Венко Филипче повторно не е во истражна или судска постапка, па така легитимно го поставуваме прашањето, дали Филипче има некаков договор со поединци од судската или обвинителската фела, да не биде повикан дури ниту на разговор? ОЈО треба да ја провери улогата на Филипче за случајот Онкологија, а не да го изземаат од случаевите. Филипче не беше вклучен ниту во процесот за Модуларната болница, ниту за Онкологија, ниту за Стабри вакцините, ниту за крвави тендери, едноставно Филипче делува како да е заштитен од судството коешто тие заедно со ДУИ го бираа. Проневерата од 2,2 милијарди денари во Онкологија, немањето на онколошка терапија и купувањето на скапи лекови од компанија блиска до Филипче, ОЈО мора под итно да го истражи, истакнува тој.
Манасиевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ го повикува Филипче да прекине да се крие по партиските штабови и да се појави во јавност. Филипче и должи одговори на македонската јавност.
-Филипче е црната точка на системот, кој треба да биде оставен во минатото. Филипче е синоним за криминал, корупција и неспособност, додава Манасиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа