Макрон најави нов пакет воена помош за Украина, вреден 2 милијарди евра

 


Франција ќе додели дополнителни две милијарди евра за воена поддршка на Украина. Ова вечерва го соопшти францускиот претседател Емануел Макрон, пренесоа светските агенции.

Тој рече дека новиот пакет помош за Украина вклучува противтенковски ракети, ракети земја-воздух и беспилотни летала, објави Ројтерс.

Макрон имаше средба со својот украински колега Володимир Зеленски, кој рано денеска пристигна во Париз за утре да учествува на самитот организиран од францускиот лидер посветен на темата Украина.

Францускиот претседател рече дека се надева оти Русија ќе прифати 30-дневен прекин на огнот без предуслови. Тој, сепак, ја обвини Москва дека ја покажала својата волја за војна и додава нови услови во договорот за кој се преговара со посредство на САД, чија цел е прекин на огнот во Црното Море и мораториум на нападите врз енергетските постројки, пренесе агенцијата Франс прес.


Макрон, исто така, рече дека е премногу рано да се зборува за укинување на санкциите против Москва, пренесе агенцијата Франс прес.

Во однос на силите кои неколку европски земји размислуваат да ги распоредат во Украина во случај на мировен договор, Макрон увери дека тоа е мирен пристап. „Овие контингенти нема да одат на фронтот да се борат“, рече тој.

Сепак, тој додаде дека овие сили би можеле да одговорат на руски напад доколку Москва го изврши, објави Асошиејтед прес.

„Ако повторно има широка агресија врз украинската почва, овие армии ќе бидат нападнати и тогаш ова е нивната вообичаена рамка на ангажман. Нашата војска, кога е ангажирана и распоредена, мора да реагира и да одговори на одлуките на врховниот командант и, доколку се најдат во конфликтна ситуација, да одговорат на тоа“, рече Макрон.

27.03.2025 - 10:19

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега