Љутков: Градиме стратегија со која Вардарскиот регион и Градско ќе прераснат во бисер на транзитниот туризам
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Акан Махмут, денеска остварија работна посета на Општина Градско, при што со градоначалникот Киро Нацков разговараа за можностите на оваа стратешки поставена општина во насока на развивање на транзитниот туризам и афирмација на културното наследство.
На средбата со градоначалникот беше истакната важноста на транзитниот коридор каде што е Општина Градско и уникатните можности што овој регион ги има за привлекување туристи и промоција на природните убавини, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети.
„Општина Градско ја развива соработката со институциите, бизнис-секторот и со сите заинтересирани страни, а сè со цел да го создаде најдобриот амбиент за развој на туризмот во овој регион“, истакна министерот Љутков кој го посети ранчот со коњи во сопственост на Васко Величковски, кој од неодамна во овој регион го промовира проектот „Шерпа хорс рајдинг“, застапуван од КК „Бистра“ – Галичник. Проектот содржи две планински тури со коњи, а е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка на мали и средни претпријатија – ИМЕ. Атрактивните тури за посетителите се до врвот Клепа, со неверојатен поглед на тиквешките лозја, и турата „Дионис“ која опфаќа посета на познатите винарии.
Во рамките на посетата на овој регион, министерот Љутков и националниот координатор Махмут беа запознаени со можностите што ги нудат винските патеки, долгата традиција во производство на висококвалитетни вина во винариите „Стоби“ и „Лазар“, но и во семејните винарии околу Градско. Стана збор дека тие се гордост на македонската винска индустрија, а туристите сè повеќе покажуваат интерес за вински тури, дегустации и запознавање со процесот на производство.
Посетата на Градско опфати обиколка и на дел од културниот потенцијал на општината, каде што е и манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ од 17 век, како и најголемиот и најзначаен археолошки локалитет „Стоби“.
Министерот Љутков истакна дека овој локалитет е од особено значење за развојот на транзитниот туризам и дека од исклучителна важност се поврзаноста, вклучувањето и промоцијата на „Стоби“ во рамките на поширока туристичка презентација во регионот, имајќи го предвид фактот дека локалитетот годишно го посетуваат околу 20 илјади туристи.
„Стоби е во фокусот на Министерството за култура и туризам за финансирање проекти од национален интерес за истражувања, конзервација и презентација. Во таа смисла, ги поддржуваме напорите на стручниот тим на установата во остварување на дејноста, преку реализација на истражувачки проекти, проекти од областа на заштитата на културното наследство, организацијата на меѓународните школи и обуки за заштита на културното наследство, како и во примената на нови технологии и интерактивни пристапи во презентацијата“, рече Љутков, кој додаде дека наскоро ќе биде вратен сјајот на „Стоби“ бидејќи во изминатите седум години не го доби потребното внимание и финансиски средства за програма и за капитални проекти и инвестиции.
Најавувајќи го периодот што следува, Љутков рече дека Вардарскиот регион има потенцијал да стане бисер на транзитниот туризам во земјава, и порача: „Со вистинска стратегија и посветеност, верувам дека Општина Градско и целиот потег на автопатот Е-75 е на добар пат да се претвори во значајна дестинација за транзитните туристи, а Министерството за култура и туризам ќе биде предводник и силен сојузник во остварувањето на оваа цел“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа