Ливринчиќ: Јас сум Бутелчанка која не може повеќе рамнодушно да го гледа застојот на нашата општина
На денешната прес-конференција, кандидатката за градоначалничка на општина Бутел од редовите на СДСМ, Оливера Ливринчиќ истакна дека во општина Бутел се потребни итни промени и одговорно управување кое ќе ги врати довербата и надежта кај граѓаните.
„Стојам пред вас како една од вас – како жена, мајка, професионалец и пред сè, како Бутелчанка која не може повеќе рамнодушно да го гледа застојот на нашата општина,“ изјави Ливринчиќ.
Во своето обраќање, таа остро го критикуваше актуелното локално раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Костовски, посочувајќи бројни неисполнети ветувања: изградба на полициска и противпожарна станица, поликлиника, градинка, културен дом, плоштад, надградба на училишта, катни гаражи, како и решавање на водоводната мрежа во Љубанци и Љуботен.
„Ова не се само нерелизирани проекти, ова е непочитување кон граѓаните и нивните потреби. Бутел не заслужува уште четири години чекање,“ рече Ливринчиќ.
Таа нагласи дека одлуката да ја прифати кандидатурата е поттикната од љубовта кон Бутел и силната желба за вистински развој и напредок на општината. Кандидатурата е поддржана од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и Извршниот одбор на партијата.
„Ветувам работа, посветеност и партнерство со секој граѓанин. Асфалтирањето на улиците и урбаната инфраструктура нема да биде повод за фалење – туку обврска. Нашата гордост ќе биде подобриот животен простор и иднината на нашите деца,“ порача Ливринчиќ.
Во својата програма таа ја потенцира грижата за секое семејство, поддршката за младите, почитта кон пензионерите и инвестициите во чиста и уредена околина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа