Кос стигна во Скопје - тече средбата со премиерот
Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска пристигна во посета на земјава по повод учеството на лидерската средба ЕУ - Западен Балкан на која ќе се разговара за Планот за раст. Во Владата ја пречека премиерот Христијан Мицкоски, со кого е предвидено да одржат тет - а - тет средба по што ќе следи и билатерална средба со останатите делегации.
На Меѓународниот аеродром во Скопје таа беше пречекана од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, кој и посака срдечно добредојде.
-Попладнево, во пресрет на утрешниот Самит на лидерите од Западен Балкан, имав чест да ја пречекам на скопскиот аеродром еврокомесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос. Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата. Пред нас е исполнета агенда – денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствариме средба со еврокомесарката. Утре, на состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија, објави на неговиот официјален фејсбук профил Муцунски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа