Кочовски: Снегот нема да е пречка за доживувањето на Вевчанскиот карневал

 

Се е подготвено за годинашното издание на Вевчанскиот карневал што на 13 и 14 јануари се одржува низ улиците во Вевчани. Традиционално, манифестацијата почнува вечерва со забавна програма, а вевчанци и гостите ќе ги забавуваат „Пајак“, „Ареа“ и „Забрањено пушење“.

Обилните снежните врнежи, според градоначалникот Спасе Кочовски, нема да бидат пречка за новото карневалско доживување. Снежната покривка утринава достигна околу 20 сантиметри.

- Екипите на јавното комунално претпријатие „Еремија“ од Вевчани и Македонија пат се на терен и работат на расчистување на коловозите. Не очекуваме никакви препреки за одржување на карневалот. Бината е подготвена, просторот околу се расчистува од снежните наноси и присутните ќе имаат можност за добра забава и уживање во Вевчани, изјави Кочовски за МИА.

Тој вети ново и неповторливо карневалско издание со своите традиционални карактеристики, хумор, забава и дружење. Сместувачките капацитети, иако во мал број, според градоначалникот, се исполнети.

Василичарскиот дел почнува утре напладне со дефиле под маски низ вевчанските улици, а вечерта присутните ќе ги забавуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам, кои точно на полноќ на присутните ќе им ја честитаат Новата година, според Јулијанскиот календар.

12.01.2025 - 15:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега