Климатската криза удира во Хималаите: Поплави одзедоа животи во северен Пакистан
Најмалку седум лица денеска загинаа во налетите на поплава во северен Пакистан, изјави официјален претставник за уште една катастрофа што го погоди хималајскиот регион поради ескалацијата на влијанието на климатските промени, јави ДПА.
„Жртвите се волонтери кои работеа на обновување на водоводен канал во планинска долина во регионот Гилгит-Балтистан, во кој беснеат поплави по излевањето на ледничко езеро“, за ДПА изјави локалниот спасувач Тахир Шах.
Уште најмалку шест други се повредени и се упатени на лекување во блиската болница, додаде тој
Поплавите го блокираа автопатот што го поврзува Пакистан со соседна Кина и ги отсекоа неколкуте планински села од патиштата за снабдување, наведе локалниот претставник Ислам Удин.
„Спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до илјадници лица заглавени во оддалечените населби каде што се спојуваат планинските венци Каракорум и Хималаи“, изјави Харун Гул од пакистанската Агенција за катастрофи.
Од крајот на јуни, потсетува ДПА, поплавите и непредвидливите монсунски дождови одзедоа 312 животи низ целиот Пакистан.
Минатиот месец во овој исти планински регион најмалку 20 лица, од кои повеќето туристи, беа однесени од поплавите, изјави портпаролот на регионалната влада Фајзулах Фарак.
Северниот регион на Пакистан, во кој се наоѓаат најмалку пет врвови повисоки од 8.000 метри, во последните години се соочува со повторливи катастрофи поврзани со климата, вклучувајќи поплави и излевање на леднички езера, потсетува ДПА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа