Клековски: Македонското здравство е здравство од минатиот век, потребна му е подлабока реформа

 


Јас многу често имам кажувано дека македонското здравство е здравство од минатиот век и потребна му е подлабока реформа и во основа, претпоставувам дека од научените лекции, тука ќе извлечеме заклучоци. Ние веќе работиме со британски тим денеска, а имаме понуда од израелско министерство за здравство да работиме на механизмите за справување со вакви ситуации. И дополнително, морам да кажам ова е само почетната фаза на згрижувањето на овие скоро 200 повредени. Така што, ова ќе трае месеци. Зборуваме за рехабилитации, збориме за трансплантации на кожа, збориме за психосоцијална работа и така натаму и треба да се подготвите за тој процес и веќе во тој процес ние ќе мора да видиме како ќе постапуваме понатаму, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски.

Во гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител, Клековски зборуваше и за барањето за побрза реакција, додавајќи дека мораме да признаеме дека имаме скромно искуство во справување со изгореници кое не потекнува од тоа дека ние немаме доволно анестезиолози и хирурзи, туку дека имаме мал број на изгореници.

„Јас извадив одредена статистика од Фондот, ние имаме максимум полесни трансплантации на кожа, околу 30 случаи во четири години, 2021-2024 година. На клиниката за пластична хирургија во три години има 13 потешки случаи“, вели Клековски.

Тој посочи дека најголем дел од тимот кој што се справува со изгореници во Свети Наум Охридски е активен и сега и затоа таа болница беше една од трите болници која што се справуваше со оваа криза.

„Ние мораме да размислуваме за 150-тина повредени на кои ќе им треба продолжена нега и третман. Зборуваме за трансплантација на кожа, зборуваме за рехабилитации. Така да, ние мораме да размислуваме како ќе си ги вратиме децата назад и мислам дека веќе од понеделник ќе ги имаме првите враќања“, истакна Клековски.

Клековски додаде дека сега борбата е секој еден живот да биде спасен и главен приоритет на целата оваа акција на праќање на луѓето во странство беше токму тоа.

„Да не заборавам, повикавме луѓе со големо искуство во Македонија. Имаше тим на ВМА од Белград во 8 Септември, кој после првите два дена замина заради зголемениот број на пациенти во Белград. Имавме тим од Чешка кој работеше на Клиниката за пластична хирургија, имавме три тима од Израел. Зборувам за луѓе кои имаат  големо искуство со изгореници, бидејќи станува збор за дел на воени лекари. Половина од болниците кај што имаме испратено наши повредени се воени болници, бидејќи дел од изгорениците се третираат во такви установи“, посочи меѓу другото Клековски.

20.03.2025 - 22:28

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега