Како пропадна сојузот меѓу Трамп и Маск
Илон Маск влезе на политичката сцена како помошник на претседателот на САД, Доналд Трамп, држејќи моторна пила в рака, потсетува француската новинска агенција АФП, откако Макс најави повлекување од администрацијата.
Трамп го нарече Маск одличен и најави дека во петок ќе одржат заедничка прес-конференција, откако јужноафриканскиот магнат ќе го напушти таканаречениот Оддел за ефикасност на владата (DOGE).
„Ова ќе му биде последен ден, но не и навистина, затоа што секогаш ќе биде со нас и ќе ни помага на секој чекор“, објави Трамп на својата мрежа Truth Social во четвртокот.
Сѐ поголеми фрустрации
Но топлите зборови не можеа да ги сокријат отворените фрустрации што Маск, најбогатиот човек на светот, ги изразуваше последните недели околу својата контроверзна улога во намалувањето на државните трошоци.
Некогаш незаобиколен дел од тимот на републиканецот Трамп, Маск почна сѐ повеќе да се разочарува од пречките со кои се соочува DOGE, и покрај тоа што брутално ја намалуваше американската бирократија.
Наместо најавената заштеда од 2 билиони долари, списанието The Atlantic пресмета дека DOGE заштедил само илјадити дел од таа сума, иако десетици илјади вработени биле отпуштени.
Маск сега ќе се фокусира на SpaceX и Tesla, како и на својата цел – колонизација на Марс.
Ракетен подем со Трамп
На почетокот, сѐ изгледаше поинаку. Маск се издигнуваше низ Трамповата орбита со брзина на една од неговите ракети – иако, како што знаеме, некои од нив експлодираа.
Тој беше најголемиот донатор за трамповата изборна кампања во 2024 година, а ги поврзуваше десничарската политика и заедничката желба да ја искоренат т.н. „длабока држава“.
DOGE беше шеговито именуван по криптовалутата Doge, но самата институција не беше шега. Млади технолошки „волшебници“ затворија цели владини оддели, а некои странски држави останаа без помош преку ноќ.
Маск, со очила за сонце и моторна пила, на конзервативен настан се пофали колку е лесно да се заштеди пари – дури направи гест што кај некои предизвика асоцијации на нацистички поздрав.
„Копретседател“
Критичарите го нарекоа „копретседател“, бидејќи постојано беше покрај Трамп. На една прес-конференција во Овалната соба се појави со својот мал син. Присуствуваше на седници на кабинетот, леташе заедно со Трамп, и гледаа ММА борби заедно.
Многумина се прашуваа: колку долго можат да коегзистираат две толку големи ега?
Но, Трамп остана лојален на генијот, како што го нарекуваше Маск. Во еден момент дури ја претвори Белата куќа во pop-up Tesla салон, откако демонстранти ја нападнаа фабриката на Маск.
Почеток на крајот
Сепак, Маск тешко се снаоѓаше со американската политика.
„Почетокот на крајот започна во март, кога Маск се скара на неколку состаноци во Белата куќа“, изјави за „АФП“ Елејн Камарк од Brookings Institution.
Најголема караница, велат, се случила со министерот за финансии Скот Бесент, а Маск јавно го нарекол советникот Питер Наваро „поглуп од вреќа тули“.
Ниту автократскиот стил на Маск, ниту мантрата на Силиконската долина „движи се брзо, руши сѐ пред себе“ не функционираа во Вашингтон.
Удар врз бизнисот
Неговите бизниси исто така почнаа да трпат. Неколку неуспешни лансирања на SpaceX, гневни акционери на Tesla – и Маск почна да размислува за повлекување.
Изјави дека „DOGE е начин на живот, како будизам“, кој ќе продолжи и без него.
Крајот дојде кога Маск, на својот социјален медиум „Икс“, објави дека е разочаран од трамповиот нов закон за масовна потрошувачка и дека нема повеќе да се занимава со политика.
Но, можеби тоа не е крајот.
„Мислам дека тие искрено се сакаат“, вели Камарк.
„А и Маск има многу пари – ако биде поттикнат, повторно може да се вклучи. Мислам дека нивниот однос ќе продолжи.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа