Јермак: Путин сака да ја замрзне војната, а не да ја заврши
Русија не бара мир, туку има намера да ја замрзне војната за да продолжи со агресијата во иднина, напиша шефот на кабинет на украинскиот претседател Андриј Јермак во авторски текст за весникот „Гардијан“.
„Путин денеска се обложува на заморот на Западот. Тој сака да ја замрзне војната – а не да ја заврши. И затоа секое примирје без гаранции и правда само ќе отвори врата за нова агресија. Олеснувањето на санкциите, отстапките или преговорите според условите на Кремљ се стапица. Не можете истовремено да зборувате за мир и да се вооружувате за нов напад“, напиша Јермак, пренесува Укринформ.
Тој нагласи дека Путин не бара мир, туку одложување.
Според Јермак, повиците за прекин на огнот сега се исклучително корисни за Кремљ.
„Москва не ги промени своите цели. Напротив, Руската Федерација ги користи дипломатските преговори за да купи време, да се прегрупира, да ги заобиколи санкциите и да ја продолжи војната во време што ќе го избере“, нагласи тој.
Блискиот соработник на украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека единствениот пат кон мирот е да се поразат империјалните амбиции на Русија, а не да се легитимираат преку уште едно „привремено примирје“.
Пред два дена, рускиот претседател Владимир Путин објави примирје за периодот од 8 до 10 мај, кога Русија ќе ја прослави победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека нема потреба да се чека на 8 мај за да се заврши непријателството, бидејќи тоа може да се случи веднаш.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп сака траен прекин на огнот во Украина за да се запре крвопролевањето, потсетува Укринформ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа