Јакимовски: Зоолошката градина е претворена во Градина на стравот и измачувањето

 


По последното, којзнае кое по ред угинување на животни во зоолошката градина во Скопје, Градската организација на Либерално-демократската партија (ЛДП), бара одговорност и како директни виновници ги посочува раководството на Зоолошката градина во Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.

„Во вторникот на 11-ти февруари, при утринска контрола во Зоолошката градина затекнати се угинати животни, берберски овци, кои се последните жртви од лошото менаџирање како со Зоолошката градина, така и со градот од страна на градоначалничката Арсовска. За неполн мандат сведоци бевме на кланица на коњи за храна во градината и крвта на Илинденска, угинаа жирафите, слоницата, Царскиот орел, лавот Жика, потоа угинаа ретките и заштитени Пржевалски коњи и имаше епидемија на птичји грип, за еве денес да слушнеме дека минатата недела угинал уште еден вид на ретки животни“, изјави претседателот на Градската организација на ЛДП, Филип Јакимовски.

Јакимовски посочува дека ова е уште еден во низата скандали кои ја тресат градската администрација и јавните претпријатија.

„Некадарноста на директорите и слабото менаџирање од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ние граѓаните го плаќаме секој ден. Зоолошката градина е претворена во Градина на стравот и измачувањето, каде што секојдневно животни умираат под мистериозни околности кои никогаш не се до крај разјаснети. Затоа, бараме надлежните институции веднаш да постапат и да истражат како дошло до угинување на животните и конечно, некој за своите дела да понесе одговорност“, посочува Јакимовски.

ЛДП во континуитет бара одговорност од Арсовска и нејзините кадри, истовремено иницирајќи ја идејата за враќање на можноста за разрешување на градоначалници, кои согласно постоечкиот закон, се заштитени и не можат да бидат сменети без одржување на избори.

„Упатуваме апел по овој грозоморен чин, додека не е предоцна и додека не угине уште некое животно, веднаш да се затвори и да се пломбира Зоолошката, додека не се утврди дека е безбедна како за животните, така и за вработените и посетителите. Ги повикуваме надлежните институции да постапат, да истражат како е можно толку многу животни да угинат во Зоолошката градина за толку кратко време и да има најстроги казни за оние кои го дозволиле тоа“, додава Јакимовски.

17.02.2025 - 13:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега