Италијанскиот вицепремиер: Путин треба да одлучи дали ќе има мир во Украина
Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин треба да одлучи дали ќе има мир во Украина, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со него на мировни преговори в четврток во Истанбул.
- Се надевам дека Москва ќе ја препознае подготвеноста на Зеленски и посветеноста на сите нас да постигнеме мир, рече Тајани на маргините од состанокот на алијансата Вајмер Плус-Киев во Лондон, објави Анса.
Тајани додаде дека денеска целата одговорност е во рацете на Путин.
- Мирот зависи исклучиво од волјата на Руската Федерација, рече шефот на италијанската дипломатија.
Тајани рече дека сигналите „не се охрабрувачки“ по нападите извршени во текот на ноќта и додаде дека примирјето сè уште останува клучен услов за „сериозни преговори“.
Рускиот претседател Владимир Путин предложи продолжување на директните преговори со Украина без предуслови, кои беа прекинати во 2022 година, и дијалогот да започне на 15 мај во Истанбул.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се согласи на разговори во Турција на 15 мај, но само лично со Путин.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа