Гренланд ги демантира тврдењата на Трамп за покана на американска делегација
Владата на Гренланд остро го демантираше тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека американска делегација е поканета да ја посети самоуправната данска територија.
Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, би требало да слета на Гренланд во четврток, заедно со американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и министерот за енергетика Крис Рајт.
Посетата предизвика бран на незадоволство во земјата. Премиерот во заминување Муте Б. Егеде ја нарече „многу агресивна“ американска кампања за преземање на арктичкиот остров.
„Дојдовме до точка кога ова повеќе не може да се опише како невина посета на сопругата на политичар. Единствената цел е да се демонстрира моќ над нас“, рече Егеде.
Трамп, сепак, вчера изјави дека „функционерите на Гренланд“ побарале Вашингтон да испрати делегација. „Народот на Гренланд бара од нас да дојдеме таму“, рече претседателот.
Но, владата на Гренланд јасно стави до знаење дека тоа не е вистина.
„За евиденција: Владата на Гренланд, не упати никаква покана за каква било посета – приватна или официјална“, се вели во објавата на официјалниот владин профил на Фејсбук.
Пипалук Линге, висок член на парламентот на Гренланд и претседател на парламентарната комисија за надворешна и безбедносна политика, изјави за Политико дека тврдењето на Трамп за поканата „не е точно“.
Таа додаде дека се планира протест за пристигнувањето на Уша Венс во градот Сисимиут, откако во изминатите две недели се одржаа уште два протести против најавите на Трамп за преземање на Гренланд.
„Протестираме политички, во име на народот на Гренланд“, рече Линге.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа