Градоначалникот Јанчев стана дел од Противпожарната единица Кавадарци: Ќе биде прв на линија кога е најпотребно
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев денеска прими противпожарна опрема и стана член на Противпожарната единица, информираа попладнево од неговиот кабинет.
- Соработка и солидарност во служба на граѓаните - Јанчев и Чадамов рамо до рамо со пожарникарите, соопштија од кабинетот на градоначалникот, објавувајќи фотографија од Јанчев и командирот на Територијалната противпожарна единица.
Притоа, оттаму истакнаа дека градоначалникот ја прими својата лична противпожарна опрема и стана член на Територијалната противпожарна единица Кавадарци.
- Заедно со командирот Александар Чадамов, упати силна порака на единство и посветеност - целосна поддршка на хероите кои секојдневно го ризикуваат животот за нашата безбедност. Градоначалникот докажа дека вистинското лидерство значи да бидеш прв на линија кога е најпотребно, посочија од неговиот кабинет.
Претходно, на денот на пожарникарите на 20 мај, Јанчев доби плакета како благодарност од кавадаречките пожарникари за неговите заложби и логистика при решавање на проблеми од областа на противпожарната заштита. Тогаш беше кажано дека се очекува во иднина и самиот доброволно да учествува во противпожарни акции на терен. Иако, како што беше нагласено, најдобро е да нема пожари и противпожарни интервенции, да биде мирно и работата на пожарникарите да се сведе на постојано вежбање, со цел да се даде максимумот од можностите при противпожарни акции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа