Голем прекин на струја во Шпанија и Португалија: Се испитуваат причините
Голем прекин на електричната енергија е пријавен во Шпанија и Португалија денес, вклучувајќи ги и нивните главни градови, јавуваат шпанските медиуми.
Шпанскиот оператор „Ределектра“ изјави дека е погоден Пиринејскиот Полуостров и дека инцидентот се проценува.
Од таму велат дека вакви широки прекини во снабдувањето со струја се многу ретки на полуостровот.
Земјите имаат комбинирано население од над 50 милиони луѓе, но се уште не е јасно колку луѓе се погодени со прекинот.
Шпанскиот јавен радиодифузер РТВЕ изјави дека голем прекин на електричната енергија погодил неколку региони во земјата околу 12:30 часот по локално време, оставајќи ја редакцијата, шпанскиот парламент во Мадрид и метро станиците низ целата земја во темница. Изгасени се и семафорите па граѓаните пријавуваат и проблеми во сообраќајот.
Во Португалија, земја од околу 10,6 милиони луѓе, прекинот го погоди главниот град Лисабон и околните области, како и северните и јужните делови на земјата.
Португалскиот дистрибутер Е-Редес изјави дека прекинот се должи на “проблем со европскиот систем за електрична енергија”, според португалскиот весник „Експресо“.
Компанијата изјави дека е принудена да ја намали струјата во одредени области за да ја стабилизира мрежата, според Експресо.
Е-Редес изјави дека делови од Франција, исто така, биле погодени.
Не беше можно да се остварат повици на мобилни телефонски мрежи, иако некои апликации работеа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа