Ѓорѓиевски: Во зграда со 400 станари 30 години нема хидрант
Вонредните инспекциски контроли, кои почнаа мината недела по пожарот во кочанската дискотека со 59 загинати, ќе продолжат со проверка на безбедноста во сите станбени згради во земјата. Ќе ги прават општинските инспектори заедно со инспекторите од сите државни институции надлежни за безбедност. Претседателот на Заедницата на локалните самоуправи (ЗЕЛС) и градоначалник на Кисела Вода вели дека во неговата општина ваквите проверки се веќе почнати.
„Во мојата општина 27 станбени згради биле подложени на проверки изминатите неколку дена. Од тие 27, најчесто оние што се најгласни и кои ги утврдуваат аномалиите на системот, е утврдено дека баш во тие згради нема хидранти. Имаме случаи каде што цревата за хидрантите се продаваат, биле украдени. Секој треба да си одговара. Ова не е операција во која главниот збор го има локалната или централната власт, или Орце индивидуално или кој и да е. Во ова треба, луѓе, да учествуваме сите. Ова зависи и од одговорноста на секој поединец во нашето општество. Не требаше да дозволиме да се случи пожарот во Кочани за да утврдиме дека во зградата во која живеат 400 станари триесет години нема хидрант“, вели Ѓорѓиевски и нагласува дека тоа не е одговорност и надлежност на Општината, но мора да постапуваат оти утврдиле дека ниту станарите ниту управителите на зградите не си ја завршиле обврската.
Ѓорѓевски јавно побара Инспекторатот за домување посоодветно да си ја врши работата и рече дека како ЗЕЛС дале препораки општинските инспектори да стапат во контакт со управителите на сите станбени згради, кои треба да постапат по забелешките што ќе бидат утврдени при инспекциските надзори, во кои главен збор ќе има Дирекцијата за заштита и спасување, која постапува во делот на постоење соодветна хидрантска мрежа, противпожарни апарати и сѐ она што претставува безбедност во зградите.
Ѓорѓиевски смета дека на угостителите треба да им се даде рок од еден месец за отстранување на спорните делови и на забелешките од инспекторите направени изминатиов период оти контролите покажале дека најголем проблем, генерално, во целата држава е урбаната опрема за кафулињата, каде што се констатирани најмногу неправилности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа