Ѓорѓиевски: Не отстапуваме од идејата да иницираме законски измени за одземање на ингеренциите на Арсовска

Оставка од скопската градоначалничка Данела Арсовска побара претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски откако вчера советниците од ВМРО-ДПМНЕ не поддржаа ниту набавка на 250 еколошки автобуси, ниту продолжување на Бас Рапид Трансинт.

Според Ѓорѓиевски, сите проблеми на Градот ќе се решат ако Арсовска се повлече.

-За жал, скопјани се заложници на еден човек кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе и да го најде проблемот во себе. Знаеме дека станува збор за личност која е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот. Проблемите не се само за јавниот транспорт, проблеми имаме и во ‘Водовод’, проблеми имаме и во ‘Комунална хигиена’, во ‘Паркови и зеленило’, практично проблеми имаме во секое јавно претпријатие. Ние можеме до недоглед да бараме вина во кого било, но вината на крајот од денот е во менаџерот, во тој што добил историска шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за граѓаните, вели првиот човек на Заеднцата на единици за локална самоуправа.

Ѓорѓиевски не отстапува од идејата за одземање на ингеренциите на на Арсовска во некои од Јавните претпријатија со кои раководи Град Скопје.

-Министерот (за локална самоуправа н.з.) можеби даде тврдење дека законски е неприменливо да се премине директно кон одземање на ингеренциите, но секако не отстапуваме од идејата и доколку треба законски да се интервенира. Ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори тоа да се спроведе во пракса. Ова е недопустливо да се дозволи и понатаму да се случува. Ние сме подготвени како група да иницираме и измени во законот доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани, рече тој.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, пак, прашан дали би поддржал законски измени за одземање на ингерециите рече дека би поддржал какви било измени на кој било закон за да се реши ова, како што рече, лудило.

-Ние бараме инстант-решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да земеме ова да го решаваме на начин по укажување од градоначалниците, верувајте дека ќе треба време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека ако влеземе во оваа авантура нема да може да го решиме прашањето. Затоа, апелиравме како Влада, зашто системот на функционирање на Градот Скопје е менаџментот и Советот – таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме, рече Перински.

30.08.2024 - 12:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега