Ѓорѓиевски: Кисела Вода добива уште еден парк – со зеленило, реквизити и прв инклузивен сообраќаен полигон за деца

 


Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес направи увид во градежните активности за уредување на нов парк на површина од околу 1.250 м², кој ќе се простира во дел од просторот на училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Станува збор за досега запуштен простор кој добива целосно нова намена – ќе биде уреден како зелено катче со содржини за сите генерации.

Просторот ќе биде хортикултурно уреден, со детски реквизити, павер-елементи, урбана опрема – клупи и корпи за отпадоци, осветлување и зеленило. Покрај тоа, на еден дел од паркот ќе се изгради современ сообраќаен полигон за учење на сообраќајните правила, каде децата ќе можат да возат велосипеди и истовремено преку игра да се запознаат со сообраќајни знаци, семафори и сообраќајна култура. Особено значајно е што станува збор за прв инклузивен сообраќаен полигон, прилагоден за деца со попреченост. Тоа значи дека полигонот ќе содржи пристапни патеки, визуелни и звучни елементи, тактилни површини и специјално дизајнирани едукативни содржини кои овозможуваат еднаков пристап и активно учество на сите деца – без разлика на нивната способност. На овој начин, Општина Кисела Вода испраќа силна порака за инклузивност, прифаќање и еднакви можности за сите деца.

– На местото на поранешна депонија, добиваме целосно нов урбан простор кој ќе им служи на жителите од овој дел на општината, но и на учениците од специјализираното училиште во близина. Создаваме катче каде децата ќе може да играат, да учат и да се развиваат во безбедна и уредена околина. Особено сум горд што тука го градиме првиот инклузивен сообраќаен полигон во општината – простор кој ќе биде прилагоден за сите деца, вклучително и оние со попреченост. Полигон со кој промовираме еднаквост, разбирање и интеграција уште од најрана возраст. Со пристапни патеки, звучни и визуелни елементи, тактилни површини и едукативни содржини, децата ќе можат низ игра да ги совладаат сообраќајните правила, но и да ја научат вредноста на инклузивноста. Овој проект, воедно е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за зголемување на степенот на зеленило и подобрување на животната средина. Во последните 3.5 години, општината има оформено и уредено над 80.000 м² нови зелени површини, со што значително се подобрува еколошкиот амбиент и урбаниот пејзаж – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

19.05.2025 - 16:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега