(ФОТО) Карпош до Комунална хигиена: Подобрете ја хигиената или ќе бидете казнети
Општина Карпош упати апел до ЈП Комунална хигиена редовно да го чистат сметот или во спротивно ќе следат казни за претпријатието.
„Општина Карпош е соочена со континуирани поплаки од граѓаните кои живеат во колективни станбени згради и граѓани кои живеат во индивидуални куќи. Поплаките се во континуитет на една тема – одржувањето на хигиената. Граѓаните на Карпош кои што живеат во индивидуални станбени објекти никогаш не се жалеле на подигнувањето на кантите за смет. Тие секогаш и редовно се подигаа два пати неделно, во сите индивидуални населби. За жал, последниве десетина месеци сведоци сме на нередовно подигнување на кантите со смет во Влае, Тафталиџе 1, Тафталиџе 2, Млечен ресторан, цело Козле, Трнодол, Жданец, Нерези. Од два пати, почнаа да ги подигнуваат еднаш неделно, а некогаш ниту еднаш. Иако граѓаните плаќаат ѓубретарина и за куќата и за дворот, собирачите на смет одбиваат да ги подигнат уредно спакувани кеси со кастрени огради или со косена трева. Значи воведуваат нови правила кои само нив им одговараат. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. Собирање на сметот од пред колективните станбени згради од секогаш повеќе или помалку бил рак рана. Но, сега ова состојба е доведена до ужас. Готово да нема контејнери кои се преполни со смет како и околината околу нив“, велат од Општината.
Ова произлегува од, како што велат, нередовното собирање на истиот и крајно стихијно неорганизирано и неодговорно за јавно претпријатие кое има исклучително важна задача за да метрополата ни изгледа поубаво.
„Граѓаните на општина Карпош ваков однос на ЈП Комунална хигиена не можат повеќе да толерираат и затоа локалната самоуправа упатува апел до ЈП Комунална хигиена: ве молиме подобрете го вашиот работен однос кон Општина Карпош, вршете ја работата за која земате пари од граѓаните. Во спротивно нашите комунални инспектори ќе пишуваат секојднени казни за секое место каде има контејнери кои се преполни“, велат од Општина Карпош.
Од таму велат дека немаат намера да војуваат со ЈП Комунална хигиена туку само во името на граѓаните бара драстично да се подобри индивидуалната хигиена.
„Во спротивно ќе бидеме принудени да пишуваме казни на правното лице и на одговорното лице во правното лице. Од вторник , 22 април, инспекторите на општина Карпош ќе започнат со контрола на теренот и со преземање на законски мерки. Доколку Комунална хигиена го сфати нашиот апел сериозно и ја подобри својата работа, општина Карпош јавно ќе се заблагодари и ќе го пофалиме коректниот однос на менаџментот на ова претпријатие“, се наведува во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа