Формирана нова комисија за спречување на енергетски кризи
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини формираше Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, клучен механизам за мониторинг и брза реакција во услови на потенцијални кризни ситуации или нарушувања во енергетскиот систем.
На првиот состанок, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар. Формирањето на Комисијата е иницијатива на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со цел унапредување на енергетската безбедност и навремено справување со итни ситуации, како хаварии или природни непогоди, соопштија од министерството.
Овој орган ќе биде одговорен за: Координација помеѓу сите релевантни институции, енергетски компании и експерти; Постојано следење на снабдувањето со електрична енергија; Анализа на пазарните состојби и потенцијалните ризици; Предложување конкретни мерки за спречување на кризни сценарија;
„Формирањето на оваа Комисија е пример за проактивност во енергетскиот сектор. Целта не е само реакција на криза, туку и градење систем кој превенира и обезбедува стабилност за граѓаните и економијата,“ изјави Божиновска.
Комисијата ќе се состанува редовно за да ги анализира состојбите, а во услови на прогласена криза, состаноците ќе се одржуваат секојдневно. Покрај претставници од Министерството, во работата ќе бидат вклучени и надворешни експерти за обезбедување на сеопфатни и навремени решенија.
Министерството ќе ја информира јавноста за сите препораки и одлуки на Комисијата, како и за конкретните чекори кои ќе се преземат за унапредување на енергетската безбедност.
Со оваа иницијатива, како што е појаснето, Македонија се позиционира како одговорен енергетски актер кој проактивно ги адресира предизвиците на современото енергетско опкружување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа