Филипче: ВМРО-ДПМНЕ живее во балон

 


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вчеерашното гостување на Канал 5 зборуваше за растечкото незадоволство кај граѓаните од владата на ВМРО-ДПМНЕ и падот на нивната популарност кој веќе се забележува.

„Кога ВМРО-ДПМНЕ паѓа со гласови, тоа анкетите не го покажуваат. Има сериозни тенденции на пад на популарноста на владата, незадоволство од тоа како се управува со државата,“ рече Филипче.

Тој потсети дека јавноста веќе видела низа корупциски скандали, но дека уште поважно е влошувањето на животот на граѓаните. „Ние само објавивме низа корупциски скандали, но факт е дека државата стагнира на секое поле.

Тоа што паѓа стандардот на граѓаните, квалитетот на животот, цените што се во плафон си го прават своето. Немојте да мислите дека граѓаните тоа не го препознаваат и нема да го изразат на изборите,“ истакна Филипче.

Според него, владата сериозно греши ако мисли дека незадоволството на граѓаните не се чувствува. „Сметам дека многу греши владата и дека живее во некој балон, ако не ги гледа тие тенденции, тоа незадоволство од граѓаните,“ нагласи Филипче.

Во однос на претстојните избори, тој истакна дека СДСМ се фокусира на промоција на најдобрите и најкредибилните кандидати. „Сега јас не би шпекулирал со број на гласови. Даваме сè од себе да ги промовираме најдобрите кандидати, да им кажеме на граѓаните дека тие наши кандидати имаат и кредибилитет и дека може да ги реализираат своите ветувања, дека ќе бидат отворени, транспарентни, дека ќе работат чесно,“ рече Филипче.

„Ова е нашата цел и верувам дека граѓаните тоа ќе го препознаат,“ заклучи тој.

16.07.2025 - 10:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега