Филипче: Криминалот е двојно зголемен, граѓаните живеат во страв - нема ништо гордо во тоа
За една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, Македонија не само што е економски осиромашена, туку и сериозно небезбедна. Се живее со страв, институциите се политизирани, а правдата е селективна. Ова го порача Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада“.
– По однос на безбедноста, јасно му е на секој граѓанин на оваа држава дали е сега подобро или не. За една година од оваа власт ни се случи најголемата трагедија во модерната историја на Македонија. Трагедија која можела да биде спречена доколку полицијата редовно и чесно си ја вршела работата, рече Филипче.
Тој истакна дека Министерството за внатрешни работи е целосно партизирано и нефункционално, додека криминалитетот експлодира.
– За жал, полицијата денес, по една година, е претворена во партиска војска на Мицкоски и неговата партија. Општиот криминалитет е зголемен речиси за половина – и тоа според нивните статистики. Секојдневно гледаме убиства, пукања, трагични сообраќајни незгоди. Безбедноста на граѓаните е загрозена како никогаш досега, посочи Филипче.
Наместо фокус на заштита на граѓаните, МВР, според него, се занимава со сомнителни набавки и изборни игри.
– За цело тоа време, МВР се занимава со набавки на униформи од фантомски фирми, набавка на нови возила, нови системи за прислушување, а сега – најново – ќе го менуваат и системот за лични документи, баш пред избори, рече Филипче.
Тој потсети на ветувањето на Тошковски и Мицкоски дека „и брат да ми е – ќе одговара“, но посочи дека тоа важи само за камерите, не и во реалноста.
– Иако Тошковски и Мицкоски ветуваа дека „и брат да ми е ќе одговара“, гледаме дека кога станува збор за брат на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ – за него нема казна за брзо возење.
Нема постапки за десетици криминални тендери, нема постапки за актуелни функционери, заклучи Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа