Еврокомисијата најавува зајакнување на надзорот против измами на странските лобисти

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави нови чекори за зајакнување на надзорот на ЕУ против измами и на прекуграничната соработка во кривичните постапки поврзани со активностите на лобисти на субјекти од трети земји.

– Го задолжив комесарот за правда Мајкл Мекграт да размисли за областите во кои на Европското јавно обвинителство ќе му бидат потребни повеќе овластувања за истражување и гонење на прекуграничниот криминал, наведува Фон дер Лајен во допис до Групата за борба против корупција на Европскиот парламентот, со кој одговара на нејзиното барање од март годинава за итен преглед на регистарот на лобисти на ЕУ.

Фон дер Лајен уште додава дека го задолжила еврокомесарот за буџет Пјотр Серафин да изработи „сеопфатен преглед“ на структурите ЕУ задолжени за борба против измами, со цел да се обезбеди „уште поблиска соработка и ефикасност меѓу институциите“.

Групата го поднесе барањето до Европската комисија за итен преглед на регистарот на лобисти и лоби групи во ЕУ, чија официјален назив е Регистар за транспарентност, откако белгиските власти започнаа истрага против лобисти на кинеската компанија „Хуавеј“ под сомнеж за поткупување на европратеници, со цел да ги штитат интересите на фирмата пред институциите на Унијата.

Фон дер Лајен во дописот додава и дека претстојниот преглед на Регистарот за транспарентност, предвиден за во текот на оваа година, треба да претставува можност да се процени дали овој инструмент ги исполнува своите цели.

– Комисијата е подготвена дополнително да разговара со Парламентот и Советот во контекст на процесот на преглед, наведува Фон дер Лајен во писмото во кое увид имал бриселскиот портал „Еурактив“.

Во барањето на Групата за борба против корупција на ЕП се посочува и дека Регистарот за транспарентност создава „празнини во надзорот“ на активностите за лобирање, бидејќи со него не се опфатени странските амбасади и нерегистрираните лобисти.

На оваа констатација, Фон дер Лајен во одговорот наведува дека Регистарот „не е дизајниран или соодветен“ за справување со кривични дела, како што се поткуп или измама, посочувајќи дека амбасадите и дипломатите од трети земји се „надвор од неговиот опсег“, но дека со него би можело да бидат опфатени „недипломатски субјекти кои дејствуваат во име на странски влади“.

По обелоденувањето на истрагата поврзани со лобистите на „Хуавеј“, Еврокомисијата соопшти дека издала „внатрешни упатства“ за суспендирање на сите состаноци и контакти со кинеската компанија до понатамошно известување. Сепак, според медиумски извештаи, лобистите на „Хуавеј“ продолжиле да лобираат во институциите на ЕУ, особено за прашања поврзани со енергетскиот сектор.

Членот на Групата за борба против корупција на ЕП, европратеникот Даниел Фројнд оцени дека постојните регулативи на ЕУ и натаму им овозможуваат на лобистите на „Хуавеј“ пристап до европските институции.

Според него, лобистите успеваат „да ги заобиколат одредбите“ и покрај новите правила на Европскиот парламент од минатиот месец, со кои се бара регистрирање на лобистите при секој нивни влез во објектите на ЕП и наведување на причините за посетата.

Фројнд посочува дека постоечката регулатива не е доволно и дека е потребно да се обезбеди поголема транспарентност при лобирањето во интерес на субјекти кои потекнуваат од земји надвор од ЕУ. 

09.06.2025 - 11:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега