ЕУ и САД со заедничка изјава за трговскиот договор

 

Европска Унија и САД денеска објавија заедничка изјава за договорот што двете страни го постигнаа во нивниот трговски спор.

– Овој рамковен договор ќе ги постави нашите трговски и инвестициски односи, едни од најголемите во светот, на солидна основа и ќе даде нов импулс за реиндустријализација на нашите економии, се наведува во заедничката пишана изјава.

Економиите на САД и ЕУ заедно сочинуваат 44 проценти од светската економија.

Клучните точки во документот вклучуваат царини од 15 проценти за повеќето европски стоки увезени во САД, со специфични стапки за автомобили поврзани со законодавните активности на ЕУ.

Брисел се согласи да ги суспендира царините за индустриски стоки и за голем број земјоделски производи, а  САД исто така ќе ги намалат царините.

Договорот опфаќа купување на енергетски суровини за 750 милијарди долари и 600 милијарди долари инвестиции од ЕУ до 2028 година. Договорот, исто така, влијае на дигиталната трговија и еколошките прописи.

Претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен кон крајот на минатиот месец објавија сеопфатен трговски договор со кој ќе се воведат царини од 15 проценти за повеќето европски стоки. Со тоа се избегнаа царините од 30 отсто, што ги најави Трамп доколку не се постигне договор до 1 август.

21.08.2025 - 15:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега