Ен-Би-Си: Во САД рекорден број отпуштени државни службеници бараат нова работа
Рекорден број американски државни службеници бараат нова работа поради кратењата спроведени од Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), јави денеска телевизијата Ен-Би-Си њуз, повикувајќи сe на статистика од порталот за барање работа „Индид“.
– Никогаш досега не сме виделе нешто слично по претседателска инаугурација и именувања во нова администрација, изјави Кори Штале, економист на порталот.
Во февруари, бројот на објави од страна на американски државни службеници кои бараат нова работа, а чии сектори се предмет на кратења од страна на ДОГЕ, пораснал за 60 отсто споредбено со јануари, кога Доналд Трамп стапи на функцијата претседател. Истовремено, растот на овој показател за сите државни службеници во САД изнесувал речиси 12 отсто во истиот период. Како почетна точка, статистичките податоци го земаат јануари 2022 година.
Според Штале, сега не е најдобро време за отпуштените државни службеници да најдат нова работа – причината за тоа се неповолните услови за лица со високо образование. Според податоците на Индид, околу 70 проценти од отпуштените државни службеници имаат високо образование или повисок степен и тоа може да ја зголеми конкуренцијата на пазарот на труд.
Создаден по одлука на Трамп, ДОГЕ, предводен од Илон Маск, има за цел да ги „намали расипничките трошоци и да изврши реструктурирање на федералните агенции“.
Спикерот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, претходно изјави дека Одделот за владина ефикасност открил „шокантни“ трошења на американската влада за кои не било добиено одобрение од Конгресот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа