Едногласно донесен буџетот на Кисела Вода
Едногласно, со поддршка од сите советници, Советот на Општина Кисела Вода денес го усвои Предлог-Буџетот за 2025 година. Се работи за највисокиот буџет досега и изнесува над 1.52 милијарди денари.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека буџетот за 2025 година е најголем и најдобро креиран досега, благодарение на транспарентното и одговорно управување со општинските финансии.
-Со гордост можам да кажам дека Кисела Вода испишува историја со овој буџет, кој не само што ги задоволува потребите на граѓаните, туку е и плод на нивната директна соработка преку буџетските форуми под слоганот “Мојот народ одлучува, буџет 2025”. Фокусот на буџетот се капиталните инвестиции, за кои се издвоени рекордни 447,7 милиони денари во основниот и 471 милион денари во консолидираниот буџет. Средствата ќе бидат наменети за приоритетни области, како што се: патна инфраструктура и подземни решенија, урбана опрема и реконструкција на салата „Расадник“, изградба и доградба на училишта и градинки, инвестиции во животната средина…
Дополнително, се предвидуваат рекордни субвенции и финансиска помош од 52 милиони денари за граѓаните, како и нови субвенции за пензионерите и субвенции за возачки дозволи за матурантите. Овој буџет покажува дека заедно можеме да ги решиме најголемите предизвици и дека најдоброто допрва доаѓа-додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Седницата на која беше изгласан Буџетот за 2025 година, за првпат имаше толкувач на знаковен јазик.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа