Дојави за бомби и во школи во Охрид и Куманово - Паника утрово низ Македонија
На службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата, утрово добиени се дојави за поставени експлозивни направи, информираат од МВР за МИА.
Дојава за бомба, според информации на МИА, утрово имало во неколку училишта во Аеродром, како и училишта во Штип.
Според соопштението на Општина Центар, утринава во ООУ „Киро Глигоров“ , ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ „ Гоце Делчев“ во Општина Центар биле добиени дојави за поставени експлозивни направи.
Веднаш по приемот на пријавите, полицијата излезе на терен и презеде мерки за безбедно евакуирање на учениците и вработените.
Во ООУ „Димитар Миладинов“ биле извршени детални антитерористички проверки, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави, па наставата продолжила редовно. Во ООУ „Киро Глигоров“, учениците беа навремено евакуирани, а наставата е прекината до завршување на целосниот увид. Во ООУ „Гоце Делчев“ каде денеска се прославува патронат и децата се ослободени од настава , во тек е полициска проверка.
Во речиси сите основни и средни училишта во Штип утринава има дојави за бомби по електронски пат. Учениците се евакуирани и има проверки на објектите од страна на полицијата. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за МИА вели дека станува збор за лажни дојави на бомби.
-Наставата продолжува да тече, нормално пријавено е во сите релевантни институции, СВР-Штип се на терен во сите училишта да ги извршат своите потребни контролни мерки. Ве уверувам дека станува збор за сајберски напад, кој има цел да предизвика немир кај наставниците и учениците и прекин во наставата, вели Јорданов.
Дојави за бомби има пријавено и во училишта во Охрид и во Куманово.
Во некои училишта, по извршените проверки од страна на МВР, наставата е продолжена.
МВР најави повеќе информации во текот на денот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа