Додик пред суд: Обвинителството бара затвор и 10-годишна забрана за политичка функција
Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска побара од Судот на БиХ да му изрече затворска казна и десетгодишна забрана за вршење политичка функција на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
Во завршниот збор по доказната постапка која траеше една година, обвинителот Недим Ќосиќ оцени дека наводите во обвинението, со кое обвинетите се товарат за непочитување на одлуките на високиот претставник за БиХ, се докажани надвор од разумно сомнеж.
Покрај Додик, за истото кривично дело обвинет е и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ.
Обвинителот Ќосиќ смета дека е јасно докажано дека и двајцата се виновни и дека постапиле со умисла и уште еднаш јавно се пофалиле дека ги прекршиле одлуките на високиот претставник.
Затоа, тој му предложи на судот да ги прогласи Додик и Лукиќ за виновни и да ги осуди на затворски казни. Тој, исто така, бара судот да му изрече на Додик дополнителна мерка забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска и да му забрани да извршува изборна функција во БиХ во период од десет години. За Лукиќ предложи да биде сменет од функцијата директор на Службен весник на Република Српска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа