Димитриеска Кочоска: За унгарскиот заем се е транспарентно
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска од собраниска говорница повтори дека во однос на унгарскиот заем се е транспарентно, а дека поврат на ДДВ има за приватните фирми кај кои нема спорни предмети.
-Првиот кредит од 500 милиони евра беше повлечен затоа што дел од тие средства беа наменети точно за развојна банка и на општините. Во однос на кредитот претпоставувам дека тоа најмногу ве боли, зошто не плативме повеќе од еден милион евра на меѓународните институции кои посредуваат при издавање на еврообврзници и сега ви смета затоа што овој кредит 500 милиони евра не чини само 70 илјади евра трошоци кон правниот субјект. Воедно, не е ништо скриено, се е транспарентно и гласано во Парламентот. Транспаретност имате во Министерство за финансии преку алатката ОпенФајнанс, рече министерката за финансии.
Димитриеска Кочоска рече дека не знае за каков анекс зборува Битиќи, бидејќи да имало такво нешто требало да помине во Собрание.
Во однос на јавниот долг го праша Битиќи дали видел во Буџетот за 2024 дека има 500 милиони евра за еврообврзница. – Истите се, само не со шест проценти, туку само со 3,25 и со многу поповолни услови и со помалку провизија. Јавниот долг не е 70 проценти. Не знам каде прочитавте. Јавниот долг е 62, 7 проценти. Со крајот на годината верувам дека ќе биде помал затоа што оваа Влада работи неуморно и очекува многу поголем раст во четвртиот квартал и како резултат на тоа очекуваме и понизок јавен долг. Е сега знам ви смета, ви смета затоа што многу искрадовте. Е сега да ви кажам дека сега е еден веќе е уапсен од финансиската полиција и се носи во моментов во обвинителство, изјави министерката Димитриеска Кочоска.
Во однос на обвинувањето за поврат на ДДВ кон приватните фирми од страна на Битиќи, кажа дека има и тоа регуларно и дека може да се прашаат коморите, а дека таму каде што има спорни предмети додека тие не се решат нема да има исплата на поврат на ДДВ.
-Ако имаме компании кои правеле проневери, кои сме ги откриле и кои во моментот се во постапки, а имаме поврат кон ДДВ само кон една мала група од повеќе од две милијарди денари што очекувате дека треба повратот да расте или дека ќе го сопреме. Во која насока треба да оди? Повторно да ги прифаќаме фиктивните фактури и криминалот и да го финансираме? Вие сега тоа го зборувате?, рече Димитриеска Кочоска.
Третото прашање на Битиќи беше каков е планот за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции во 2025 година и власта да ја надмине катастрофалната неефикасност во шесте месеци од годинава.
Во однос на капиталните инвестиции рече дека таа гарантира дека годинава ќе има поголема реализација од 2023 година, која, како што вели, ја трга на страна. – Зошто ја тргам на страна? 15 милијарди денари, пари префрлени како аванс на Бехтел и Енка, ве прашувам, за вас исплата на аванс е капитална инвестиција?За мене не е, рече таа.
Министерката за финансии рече дека очекувале дека минатата Влада внимавала барем на проектите што се реализирале со Европската унија. Димитриеска Кочоска рече дека за еден од нив имало фалсификат банкарска гаранција.
-Случајно или не од вашиот коалициски партнер внуците се шетале по Министерство за финансии, се заканувале претходно, луѓето се плашеле, сè додека не дојде да ги исчитаме документите и нормално да ја видиме пријавата до ЕК. Такви има многу проекти. Сите се пријавени. Сите до еден. Како резултат дека логично е дека не може да има реализација таква каква што сме очекувале за тековната година, но реализацијата ќе биде многу поголема од 70 проценти, рече таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа