Дигитализација на правосудството: Потпишан договор за електронска размена на податоци меѓу МВР и Врховниот суд

 


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Врховниот суд Беса Адеми вчера потпишаа Договор за соработка и размена на податоци во електронска форма меѓу двете институции.

Со Договорот се воспоставува меѓуинституционална размена на податоците во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, при што се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се врши електронската размена и описите на регистрираните сервиси кои можат да бидат предмет на електронска размена.

Врз основа на овој договор, Врховниот суд ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци кои ги води МВР за државјанство, за моторни возила и живеалиште и претстојувалиште. Овие податоци добиени преку платформата за интероперабилност со сервисите наведени погоре, исклучиво ќе се употребуваат за потребите на судските постапки.

МВР од своја страна со овој договор ќе добие пристап до базите на податоци за уверенија од казнената евиденција на физички и правни лица, уверенија во кривичната евиденција, уверенија за изречена забрана за вршење на дејност или должност и потврди за одземена деловна способност и овие податоци ќе може да се употребуваат за активни процеси и потреби на министерството.

Овој процес е дел од стратешкиот приорите на дигитализација на процесите и услугите со цел овозможување на поврзани и ефикасни институции кои ќе овозможат брзи и ефикасни услуги за граѓаните.

30.01.2025 - 13:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега