Денеска протести за смртта на Фросина: Јавноста на нозе во Скопје и Кавадарци

 

Денеска ќе се одржат два протеста за смртта на младата Фросина.

Првиот протест ќе се организира на плоштадот во Кавадарци, во 12 часот.

Вториот собир ќе се одржи во 17 часот, пред Универзалната сала во Скопје. Од иницијативата „Кој е следен?“ велат „случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи. Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт“.

„Протестот има за цел да адресира три главни проблеми:
1. Нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот
2. Недоволна безбедност во градовите
3. Глорификација на девијантно однесување
Алките во системот за работа со деца и млади во судир со законот не функционираат.

Институциите не настапуваат координирано за идентификување на едата и младите во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството. Дополнително, урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност“, стои меѓу другото во објавата на „Кој е следен?“.

22-годишната Фросина Кулакова пред четири дена беше прегазена од дваесет годишниот Васил Јованов, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин на Партизанска.

На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.

Стотици граѓани во петокот на мирен собир запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина, а потоа маршираа до скопскиот кривичен суд каде со извалкани раце од црвена боја извикуваа „Убијци!“.

02.02.2025 - 10:22

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега