Дали интерпелацијата ќе го пензионира Коцевски?
Во македонското Собрание денеска се одржува пленарна седница на која се расправа по интерпелацијата за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската партија Левица. Според образложението, Коцевски треба да биде разрешен поради нефункционалност на обвинителството, селективни истраги, политички влијанија и серија афери кои, како што наведуваат, ја поткопале довербата на граѓаните во институцијата.
Коцевски, пак, смета дека интерпелацијата е правно неоснована, бидејќи Законот за јавно обвинителство не предвидува интерпелација како механизам за одговорност, туку разрешувањето е можно само со предлог од Владата или Советот на јавни обвинители и по утврдени законски услови.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ја поддржат интерпелацијата, откако, како што велат, Коцевски не ја искористил шансата да ја подобри состојбата во обвинителството. Поддршка се очекува и од нивниот коалициски партнер ЗНАМ, додека СДСМ ќе гласа против.
Иако интерпелацијата може да биде изгласана, таа нема обврзувачко дејство – разрешување е возможно само преку законска процедура. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе се изјаснат за следните чекори откако ќе заврши расправата во Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа