Бројот на загинати во уривањето на покривот на ноќниот клуб „Џет Сет“ се искачи на 184
Бројот на загинати во уривањето на покривот во ноќниот клуб „Џет Сет“ во Санто Доминго се искачи на најмалку 184, соопштија властите, додека потрагата по исчезнатите продолжува.
Директорот на Центарот за вонредни ситуации Хуан Мануел Мендез изјави дека спасувачките тимови се уште се на терен во потрага по тела и можни преживеани, иако никој не бил пронајден жив до вторник попладне, пренесе АП.
„Ние нема да оставиме никого. Продолжуваме да работиме“, рече Мендез.
Несреќата се случила ноќта помеѓу понеделникот и вторникот, додека стотици луѓе уживале во концертот на познатиот пејач Рубио Перез. Во клубот во тој момент имало музичари, спортисти и официјални лица.
Прво почнала да паѓа прашина од таванот, а потоа се урнал покривот и ги затрупал посетителите со бетонски плочи.
Досега се идентификувани 54 тела, додека најмалку 33 остануваат неидентификувани.
Повеќе од 200 луѓе се повредени, а најмалку 20 лица се хоспитализирани, од кои осум се во критична состојба.
Причината за уривањето на покривот се уште не е позната, а истрагата е во тек. Се огласи и сопственикот на клубот „Џет сет“, кој изјави дека соработува со надлежните, додека одговорноста за евентуалните пропусти се уште се истражува.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа