Бобан Стефковски: Со задоволство ги чекам локалните избори
Прес24: Господине Стефковски, распишан е веќе вториот повик за поддршка од владата за локалната самоуправа. За кои проекти добивте поддршка на првиот повик и што е до сега сработено?
Стефковски: На почетокот морам да ја истакнам важноста на проектот кој го реализира Владата на Република Македонија за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Се работи за исклучиво важен проект кој има историско значење за развојот на општините во Македонија, а дополнително преку овој проект ќе се решат сите децениски проблеми кои ги имаат граѓаните, а за кои општините самостојно не можеле досега да обезбедат финансиски средства за нивно решавање. Што се однесува до општина Гази Баба на првиот јавен повик аплициравме со четири значајни проекти, а тоа е изградбата на нова детска градинка во Инџиково, комплетна реконструкција на Домот на културата во Ченто, изградба на нова училишна спортска сала во Црешево и изградба на новопроектирана улица помеѓу Маџари и Керамидница која е предуслов за изградба на нова детска градинка на тој простор. Градежните работи за новата градинка во Инџиково, реконструкцијата на домот на културата во Ченто и изградбата на нова сала во Црешево се во тек, додека за изградбата на новопроектираната улица во тек е постапката за избор на економски оператор за реализација на градежните работи.
Прес24: Со што ќе аплицирате на вториот повик и колкав е буџетот кој може да го искористи општина Гази Баба?
Стефковски: Општина Гази Баба подготвена го дочека вториот јавен повик на Владата и по само еден ден од неговото објавување до Министерството за локална самоуправа поднесовме 12 апликативни формулари со комлетна документација за нивна реализација од проект до одобрение за градење. Вкупниот буџет кој општина Гази Баба ќе добие на овој повик е 9 милиони евра. Проектите за кои побаравме финансиски средства се: изградба на нова детска градинка помеѓу Маџари и Керамидница, доградба на ООУ Крум Тошев во Трубарево, изградба на нова фаза на фекалната канализација во Јурумлери, изградба на нова фекална канализација во Идризово – Дрма, конечно решавање на проблемот со пристапот кон гробиштата Камник, комплетна реконструкција на улиците Петре Филиповски Гарката во Триангла, Париска Комуна во Хиподром, Ордан Поп Јорданов во Маџари, изградба на атмосферска канализација на улиците Гемиџиска и Филип Филиповиќ во Железара и други проекти.
Прес24: Едно од вашите евтувања уште пред изборите во 2021 на кои извојувавте во број на гласови најубедлива победа, беше ветувањето дека жителите на Гази Баба ќе се чуствуваат како жители на модерна општина. Веројатно еден од највпечатливите проекти во таа насока е реконструкцијата на Домот на културата- црна точа во општината повеќе од 40 години. Како ќе изгледа овој објект и кога се очекува да биде завршен?
Стефковски: Домот на културата во Ченто повеќе од 40 години претставуваше најцрната точка во општина Гази Баба која беше место во кое се случуваа и девијантни појави. Во 2021 година кога дојдов за градоначалник на општина Гази Баба пред себе си поставив една цел, а тоа е со својата работа да реализирам голем број на проекти со кои ќе оставам траен белег за периодот во кој сум имал чест да им служам на граѓаните. И точно, Домот на културата ќе биде еден од тие проекти кои ќе сведочат за ова време, кое е време на големи дела. Тоа место ќе биде центар на културата, таму се гради проект по сите европски стандарди. Истиот ќе биде енергетски ефикасен и целосно инклузивен со пристапни патеки, лифтови и тоалети за лица со посебни потреби. Очекувањата се некаде до крајот на оваа година да завршат градежните работи и домот на културата да го пуштиме во употреба.
Прес24: Кои други проекти сметате дека го одбележуваат вашиот мандат?
Стефковски: За мене сите проекти се подеднакво важни, бидејќи истите ги подобруваат условите за живот на граѓаните на општина Гази Баба. За да можеме да донесеме вистински заклучок за тоа како се работело во изминатите повеќе од три години, потребно е да се вратиме на почетокот и да видиме во каква состоба беше општината на денот кога дојдов за градоначалник, а во каква состојба е денес. Во 2021 година кога ја превземав должноста затекнав општина во стангнација, населени места без вода за пиење и фекална канализација, раскопани улици, стотици дечиња на листа на чекање во градинките, училишта без спортски сали, активна постапка за отворање на хемиски отпад во Железара, стотици предмети за легализација на домовите на граѓаните со комплетна документација но без никаков епилог и комплетно затворена општина во која одлучуваа локални моќници во затворени кругови. Каква е состобата денес? Нема повеќе населено место кое нема вода за пиење, изградивме 25 километри нова мрежа на фекална канализација, асфалтиравме повеќе од 150 локални улици, градиме две нови детски градинки во Трубарево и Инџиково, а за до средина на годината ќе започнеме изградба уште на две нови градинки, изградивме училишни спортски сали во ООУ Кирил и Методиј во Стајковци, ООУ Наум Охридски во Булачани, а во моментов градиме нова сала во ООУ Наум Охридски во Црешево и ќе започнеме со изградба на нова сала во ООУ Григор Прличев во Железара, градиме нова училишна зграда на ООУ Крсте Мисирков во Ченто, втора година по ред обезбедуваме бесплатни униформи за 7500 ученици, ја поништив постапката за отворање на нов хемиски отпад во Железара и програмата за заштита на животната средина денес има реализација со повеќе од 97%, решивме повеќе од 2000 предмети за легализација на домовите на граѓаните, а општината ја отворивме и денес граѓаните се тие кои одлучуваат за сите важни одлуки за работа на локалната самоуправа. Едноставно општината постои за да им служи на граѓаните и тоа во изминатите три години го покажавме на дело.
Прес24: Се води дискусија околу законските измени со кои треба да се воведе можсноста за отповикување на градоначалник. Има ли градоначалници од сегашната постава кои смеатте дека би биле отповикани од граѓаните ако во моментов имаше таква можност?
Стефковски: Можноста за референдумско отповикување на градоначалник пред истекот на мандатот е оправдана и целосно ја поддржувам и истата претставува чекор кон зголемување на демократијата, впрочем и за Венецијанската комисија оваа можност претставува демократска алатка за поголема контрола на граѓаните кон оној кој избрале. Во Република Македонија суверенитетот согласно Уставот произлегува и им припаѓа на граѓаните и токму поради тоа треба да постои законска можност граѓаните да го отповикаат оној градоначалник кој ги изневерил нивните очекувања. За жал таква е состојбата денес со градот Скопје. Имаме градоначалничка која на изборите излезе со конкретна програма “За модерно Скопје”, но наместо реализација на дадените ветувања го видовме спротивното. Денес Скопје е комплетно нефункционален град со јавни претпријатија кој не си ги вршат своите должности. Скопјани повеќе од три години се заложници на неспособноста на менаџментот на градот но не постои никаква можност градоначалничката да биде отповикана пред истекот на нејзиниот мандат, а истовремено сеуште во Македонија на многу ниско ниво е политичката култура и чувството на индивидуална лична одговорност. Што значи тоа низ пример, градоначалничката Арсовска се кандидираше на парламентарните избори како носител на пратеничка листа тука во Скопје и освои 2584 гласови, а на локалните избори имаше 118.545 гласови и наместо да си поднесе оставка, Арсовска без легитимитетот од Скопјани продолжи да биде градоначалничка на Скопје, односно да го узурпира градот. Е токму поради ваквата пракса, потребно е час поскоро оваа можност да се озакони и граѓанинот да има можност да избира, но и да разрешува, бидејќи во единиците на локалната самоуправа основната клетка е токму граѓанинот!
Прес24: Ќе се зголеми ли со ова решени одговорноста и отчетноста на локално ниво и дали има потреба да се вклучи и можноста за одговорност на членовите на Советите?
Стефковски: Во рамки на расправата која ја организира Министерството за локална самоправа е отворено и прашањето за одговорноста на членовите на Советот и експертскиот тим веќе работи и во овој дел. Она што е важно да се спомене е дека во актуелното законско решение е утврдена одговорноста на членовите не Советот во два случаи, едниот е доколку не се донесе буџетот на општината или градот до 31 Март во тековната година и втората е доколку не се усвои годишната сметка на општината или градот во тие сличаи се распушта Советот и се организираат избори за нови членови.
Прес24: Се подготвувате ли за нова изборна трка на есен и дали Гази баба ќе биде теренот на кој повторно ќе се натпреварувате?
Стефковски: До локалните избори има уште неколку месеци во кој јас сум целосно посветен на реализација на нови проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните и сеуште е рано за било какви калкулации во пресрет на локалните избори. Еден пријател на почетокот на годината ме праша: Дали се спремаш, започнува да тече изборната годината? Јас му одговорив: Верувам во она што го имам сработено и поради тоа сум целосно растеретен и со задоволство ги очекувам локалните избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа