Битолчани ќе добијат бесплатни WiFi зони
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес оствари работна посета на Општина Битола, каде што оствари средба со градоначалничкот Тони Коњановски, но и ги посети канцелариите на Центарот за услуги (ЕТУ) во Битола. Главна тема на посетата беше унапредувањето на процесот на дигитализација на општинските услуги и интегрирањето на локалните институции преку националната платформа за интероперабилност.
На средбата со градоначалникот Коњановски, беше разговарано за конкретни чекори за отпочнување на процесот на дигитализација на општинските услуги достапни за граѓаните на Битола. Министерот Андоновски ја истакна важноста на дигиталната трансформација како алатка за поголема ефикасност, транспарентност и достапност на услугите за сите граѓани, без разлика дали се во урбани или рурални средини.
„Битола има огромен потенцијал да биде предводник во дигитализацијата на општинските услуги. Одличниот човечки потенцијал од универзитетот во Битола, но и партнерството со општината и со поддршка на нашите центри за услуги, сакаме да обезбедиме дека секоја важна услуга ќе биде достапна на клик. Затоа, Битола ќе биде исто така приклучена на платформата за интероперабилност, а достапни ќе бидат и бесплатни WiFi зони за граѓаните во Битола“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на посетата, министерот направи увид во функционирањето на ЕТУ Центарот каде се обезбедуваат административни услуги за граѓаните. Се разговараше за проширување на електронските услуги на локално ниво, овозможување на побрзо издавање на уверенија, дозволи и решенија преку дигитални канали, и интегрирање на системите со националната платформа за интероперабилност, која овозможува размена на податоци меѓу институциите без потреба од хартиена документација.
Министерството за дигитална трансформација продолжува со посветеност да ги поддржи општините во процесот на дигитализација, со цел до крајот на 2025 година првите општини да нудат најупотребувани услуги за граѓаните, а тие да имаат пристап до брзи, безбедни и транспарентни услуги од својот дом.
„Општините на овој начин ќе се доближат уште повеќе до граѓаните. Услугите кои ќе ги нудат општините ќе бидат полесно достапни и преку компјутер и мобилен телефон, а и преку центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа