Азербејџан ќе ја засилува соработката со Македонија за снабдување со гас – Гаши се сретна со Алиев
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска имаше средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на која беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете земји и беше нагласена потребата за дополнително продлабочување на меѓусебната соработка.
Официјалната посета што се реализира од 17 до 19 јуни 2025 година претседателот Гаши ја оствари на покана на претседателката на Националното собрание на Република Азербејџан, Сахиба Гафарова, а делегацијата ја сочинуваат пратеникот Петар Марков, кој е и претседател на пратеничката група за соработка со парламентот на Република Азербејџан, пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи, членка на групата, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
„Ова е прва официјална билатерална посета на претседател на Собранието на Република Северна Македонија на Република Азербејџан, што е показател за заедничкиот интерес за унапредување на меѓусебната соработка и градење партнерски однос меѓу двете држави“, велат од законодавниот дом.
Претседателот Гаши на состанокот со претседателот Алиев истакна дека ние како држава, особено во овој мандат, сме посветени на проширување на хоризонтите и на јакнење на партнерства со држави со кои, независно од тоа што не припаѓаме на ист регион, имаме заеднички интерес за соработка и градење мостови на пријателство.
Тој додаде дека ние не отстапуваме од нашиот евроинтегративен пат и покрај предизвиците со кои се соочуваме, но цврсто сме решени да ги прошириме нашите партнерства со држави како што е Азербејџан, со која немаме отворени прашања, а имаме заеднички интерес за соработка.
Претседателот Гаши нагласи дека имаме заедничка заложба за зајакнување на партнерството во областа на снабдување со гас имајќи ги предвид ресурсите на Азербејџан и за нивната присутност на Балканот и во дел од земјите на Европската Унија.
Претседателот Алиев истакна дека Република Азербејџан веќе работи на можностите да се обезбеди долгорочна соработка меѓу двете држави во делот на снабдувањето со гас, при што истакна дека покрај соработката во енергетскиот сектор, треба да се размислува и за зголемување на трговската размена и соработка во делот на транспортот.
Двајцата соговорници оценија дека двете земји, освен на соработката во областа на транспортот, трговијата и економијата, може да се фокусираат и на соработка во културата и туризмот бидејќи и двете држави имаат што да понудат, а тоа може да придонесе во зближување на народите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа