Андоновски во Обединетите Арапски Емирати на Светски самит за влади 2025

 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски е во тридневна посета на Обединетите Арапски Емирати, каде што ќе присуствува на Светскиот самит за влади 2025. На самитот насловен „Обликување на владите на иднината“, Андоновски ќе присуствува на покана на неговиот колега, Омар Султан Ал Олама, министер за вештачка интелигенција, дигитална економија и апликации за работа на далечина.

-Овој глобален настан ќе собере над 30 шефови на држави и влади, 400 министри, 80 претставници на меѓународни организации и 140 владини делегации за да дискутираат за глобалните предизвици и да креираат иновативни решенија за иднината. Самитот ќе се фокусира на клучни теми: идни технологии и вештачка интелигенција, одржлива енергија и климатски промени и глобално здравство и економска стабилност. Андоновски ќе се осврне на темите за иновациите во управувањето со јавната администрација и дигиталната трансформација. информира Министерството за дигитална трансформација.

Во соопштението се наведува дека Андоновски, во рамки на посетата, ќе оствари билатерални средби со домаќинот, министерот Омар Султан Ал Олама, со Мохамед Хамад Ал Куваити, шеф на одделот за сајбер безбедност на Владата на Обединетите Арапски Емирати и претседател на Советот за сајбер безбедност, и со Абдула Насер Лоота, заменик-министер за кабинетски работи за конкурентност и размена на знаење.

Целта на Светскиот самит за влади 2025 е да поттикне меѓународна соработка, да ги инспирира идните генерации на влади во пронаоѓањето иновативни решенија што ќе го подобрат животот на луѓето  низ светот.

-На самитот ќе присуствуваат и водечки технолошки и бизнис-лидери како: Елон Маск – CEO на Tesla, SpaceX, xAI и Twitter/X, Сундар Пичаи – CEO на Google, Лари Елисон – коосновач на Oracle, Клаус Шваб – основач и претседател на Светскиот економски форум и Даниел Динс – CEO на UiPath, соопшти Министерството за дигитална трансформација.

 

11.02.2025 - 09:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега