Амбасадорот од Норвешка се врати во земјава
Македонскиот амбасадор во Норвешка и Исланд, кој е и ексминистер за економија Дритон Куќи се врати во земјава. Обвинителството за него ќе бара определување мерки за претпазливост, бидејќи токму Куќи е последниот осомничен во проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Проширената истрага опфати вкупно 19 лица од кои четворица се во ефективен, а шестмина во домашен притвор, додека за осум лица се определени мерки за претпазливост. Притвор е определен и за Шабан Салиу, министер без ресор и ексдиректор на дирекцијата за заштита и спасување, додека сегашниот директор на агенцијата Џеват Селами е во домашен притвор. Од влада најавија дека тие ќе бидат разрешени.
“Kако Влада сме целосно посветени на темелна истрага и во таа насока, ги разгледуваме сите процедури и механизми кои ни стојат на располагање. Pо враќањето на премиерот од официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, лицата кои се опфатени во истрагата ќе бидат разрешени”, велат од Влада.
Проширената истрага не опфати нови лица од МВР, но за Тошковски истрагата не е завршена и смета дека истата понатаму ќе биде проширена и врз институцијата со која тој раководи.
„Да, сметам и затоа досега се поднесени седум кривични, поднесени се кривични против седум плициски слуѓжбеници, досега, заклучно до вчера. Против седум, досега, можеби во наредниот период ќе имаме и други полициски службеници кои ќе бидат предмет на отпочнување на истрага„, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Од вкупно 19 лица за кои се прошири истрагата во домашен притвор се вкупно шестмина, а како што дознаваме меѓу нив се и поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири. Покрај министерот Салиу, во ефективен притвор се уште три лица, но од обвинителството не откриваат конкретно за кого станува збор. Проширената истрагата за пожарот во Кочани во кој загинаа 61 лице се води против 47 физички и три правни лица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа