Албанскиот и италијанскиот амбасадор беа во Дебар и Гостивар

 

Амбасадорите на Албанија и на Италија во нашата земја, Денион Меидани и Паоло Палминтери вчера биле во посета на Дебар и Гостивар, објави Меидани синоќа на Фејсбук.

Во Дебар, амбасадорите се сретнале со градоначалникот  Хекуран Дука, со кого разговарале за „предизвиците и потенцијалот на развојните проекти кои можат да се поддржат на локално ниво".

Во Гостивар, во друштво на градоначалникот Ваљбон Лимани, тие ги посетиле Центарот за аутизам „Blue Puzzle“ и Младинскиот центар iCan - два инспиративни модели за социјална инклузија, правата на децата и зајакнувањето на младите.

Амбасадорот Меидани високо ја оценил посветеноста на локалните власти и ја изразил поддршката на амбасадата за иницијативите кои градат мостови на соработка и позитивно влијаат на заедницата.

- Во Дебар на кафе и срдечен разговор со градоначалникот Хекуран Дука, место кое потсетува дека гостопримството и визијата за иднината се дел од ДНК на овој град. Потоа во Гостивар во друштво на градоначалникот Лимани ги посетивме Центарот за аутизам „Blue Puzzle“ и Младинскиот центар iCan; два простори кои инспирираат љубов, вклученост и вистинска посветеност на децата и младите. На двете посети имав задоволство да бидам придружуван од мојот пријател, амбасадорот на Италија во Скопје, Паоло Палминтери, напиша Меидани на Фејсбук.

Тој наведува дека „тоа беше ден кој уште еднаш покажа дека дипломатијата е блиска и до народот, таму каде што работите се прават со срце и каде посветеноста на поправедни општества добива целосна смисла".

23.04.2025 - 09:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега