Жерновски: Збогум ЕУ

Поранешниот заменик министер за надвореши работи Андреј Жерновски на својот Фејсбук профил напиша „ЗБОГУМ ЕУ“
На третата годишнина од руската агресија врз Украина, во Обединетите нации беа предложени две различни резолуции. Првата беше предложена од САД, а коспонзорирана од Израел, Грузија, Унгарија и, внимавајте, Северна Македонија. Второто, во име на Европската унија, беше поднесено од Германија и Франција, дополни Жерновски.
„Текстот предложен од САД изразува жалење за трагичната загуба на животи во руско-украинскиот конфликт и ја нагласува потребата од трајно мирно решение, што е секако за поздравување,
но во резолуцијата недостасуваат референци за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина - прашања кои имаа централна улога во претходните резолуции на ОН.
Резолуцијата на ЕУ предводена од Франција и Германија, од друга страна, е со подиректен тон. Таа повикува на итно и безусловно повлекување на руските сили и го опишува конфликтот како „целосна окупација на Украина од страна на Руската Федерација“. Овој пристап ја одразува позицијата на ЕУ за јасно одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во согласност со Повелбата на ОН.
По директни насоки на Мицкоски, нашата држава не ја поддржува резолуцијата на ЕУ, со што (о)станува единствена земја од Западен Белкан, односно единствена земја кандидат за членство во унијата, која не го поддржува ставот на Брисел. Односно, за резолуцијата гласаа сите европски земји, со исклучок на Македонија, која гласа воздржано, и Унгарија на Орбан и Белорусија, кои гласаа против.
Дури и Србија, позната по блиските релации со Москва, даде поддршка на наведениот текст на ЕУ.
Со овој потег, треба на сите да ни биде јасно дека Македонија си ги дозатвори бриселските врати. Дозатвори, затоа што со владините политики, вратите веќе почнаа на големо да се затвораат уште во текот на претходните месеци“, стои во објавата на Жерновски.
За да биде целата слика за нашата држава уште погротескна, ние сме гласале воздржано и за Резолуцијата на Вашингтон, иако претходно сме се согласиле да бидеме меѓу четирите држави кои се коспонзори на предложениот текст.
Има ли пилот во авионот? Има ли воопшто авион?
Останува горчливиот вкус дека веќе ни се смеат од различни страни на светот и се подбиваат со нас.
Некој сега ќе каже дека владата има право да го смени курсот на надворешната политика. Така е, точно. Има право. Но она што нема право е нејзиниот претседател, самостојно и преку ноќ, да донесе таква одлука која сама по себе носи крајно сериозни последици и која претставува тектонско поместување на наведениот курс.
Не е ова монархија! Ова би требало да биде демократска држава, каде за вакви исклучително битни прашања за иднината на државата и нејзините граѓани се отвора јавна дебата, која трае долго и онолку колку што е потребно.
На овој начин, целосно е игнорирана Владата, потоа Претседателот на државата, кој тврдам дека е целосно изолиран од се’ што се случува на надворешен план, и на крај, најважното- прегазен е претставничкиот дом на граѓаните, односно Парламентот, кој повторно е вратен на маргините на политичкиот систем и живот до државата. Брутално е поништена декларацијата која уште пред три години ја изглаза нашето Собрание со 100 гласа „за“ и само три гласа „против“. Во неа јасно се осудуваат воените напади од страна на Русија кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
За улогата и “значајот” на Министерството за надворешни работи (некои велат и надворешна трговија) и самиот министер во овие процеси, во наредната прилика.
25.02.2025 - 20:27
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа