Земјоделците безбедно да ракувааат со системите за наводнување на површини во близина на далеководните траси
АД МЕПСО ги предупредува земјоделците во екот на сезоната за наводнување и жетва да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување, со земјоделската механизација и со дополнителната земјоделска опрема во близина на далеководите од преносната мрежа.
– Од исклучително значење е земјоделците да се придржуваат кон следните упатства: не поминувајте со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците, не поставувајте цевководни системи за наводнување под проводните јажиња во далеководните траси, не ги кревајте во височина металните цевки од системите за наводнување под проводните јажиња на далеководите бидејќи металот е проводник на електрична енергија, не ги поставувајте прскалките за наводнување под проводните јажиња и во безбедносните коридори на далеководите од преносната мрежа. Допирот на водениот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по животот на луѓето кои се наоѓаат под трасата на далеководот, стои во соопштението.
Од АД МЕПСО нагласуваат дека не треба да се палат стрништа во близина на далековод бидејќи се загрозува доверливоста на електроенергетскиот систем
– Дополнително апелираме спортските риболовци да бидат особено внимателни при манипулација со риболовните стапови во близина на далеководи, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите на далеководите, под јажињата за пренос на електрична енергија. Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствениот живот и за животот на другите. Не загрозувајте ја доверливоста на електропреносниот систем, се велу во соопштението од АД МЕПСО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа