Земјиште на ЕВН дадено на користење за археолошки истражувања
ЕВН Македонија му ја даде на користење на Археолошкиот музеј, парцелата во локалитетот „Тумба Маџари“ во Скопје, со цел спроведување на понатамошни археолошки истражувања кои се од исклучителна важност за разбирањето на историјата на целиот Балкан и Европа.
Првиот човек на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер и директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, потпишаа Договор за долгорочно користење на парцела од 6000 квадратни метри, а на настанот беа присутни и Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
„Овој договор за отстапување на парцелата за истражувања на Археолошкиот музеј е симбол на посветеност за презентација на културното наследство и заштита за идните генерации. Ова наследство не е важно само за историјата на Македонија, туку е дел и од европската цивилизација“ истакна Маиер.
За директорката Манаскова, поддршката од ЕВН е пример за општествена одговорност, а договорот е основа за долгорочна соработка која ќе овозможи подобри услови за работа на археолошкиот локалитет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа