Започнува судењето против таткото на возачот кој ја усмрти Фросина

 


Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да започне судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој во јануари годинава со автомобил, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја усмрти пешачката Фросина Кулакова на булеварот „Партизански Одреди“.

Зоран Јованов се товари за кривично дело „предизвикување општа опасност“. Според обвинението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, тој во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година му дозволувал на својот син – кој немал возачка дозвола и имал историја на сообраќајни прекршоци и кривични дела – да управува патничко моторно возило.

„Со своето општоопасно дејствие, тој предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, лекомислено сметајќи дека нема да настапат штетни последици“, се наведува во соопштението од обвинителството.

Таткото му дозволувал на синот да управува со возилото „Пежо 207“, иако бил свесен дека синот нема возачка дозвола и претходно веќе сторил:

  • едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици (ноември 2022),
  • 11 сообраќајни прекршоци (возење без дозвола, под дејство на алкохол, непочитување семафори и пешачки премини) во 2023 и 2024 година,
  • како и тешка сообраќајна несреќа со смртни последици на 29 јануари 2025 година.

На 13 мај годинава, судот му изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов, кој ја призна вината за несреќата во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова. Дополнително, му беше изречена и забрана за управување моторно возило во траење од пет години и парична казна.

Како олеснителни околности беа земени признанието и каењето, а како отежнителни – сериозноста на делото, претходна затворска казна за трговија со дрога и историја на повеќе прекршоци во сообраќајот.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста и отвори прашања за одговорноста на родителите и институциите, особено кога е во прашање безбедноста на граѓаните во сообраќајот.

24.06.2025 - 11:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега