Започнува грејната сезона во Скопје

 

Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење ќе започне од денеска со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 06:00 до 22:00 часот, уверуваат надлежните.

Министерот за економија Крешник Бектеши во четвртокот на скопјани им порача дека на 15 октомври ќе имаат топли радијатори и дека такви ќе останат радијаторите во текот на целата грејна сезона.

-На 15 октомври со почетокот на грејната сезона ќе почне снабдувањето со топлинска енергија, радијаторите во Скопје ќе бидат топли. Топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона, истакна тогаш Бектеши.

Кажа дека е набавен гас за првите две недели од октомври по најповолна цена, која е двојна поевтина од претходните понуди, а очекувањата се дека од следниот месец ќе се обезбеди гас по поконкурентни цени со цел да има најниски трошоци за граѓаните.

-Од 15 октомври топланите Исток и Запад ќе произведуваат 100 проценти од потребите за топлинска енергија за град Скопје доколку не работи ТЕ-ТО. Ако, пак, ТЕ-ТО не може да обезбеди гас за работа, тоа може да го направи државата преку ЕСМ која е задолжена да раководи со производството и дистрибуцијата на топлинска енергија за Скопје, рече Бектеши.

Во насока на обезбедување на гас, како што кажа, договорено е со бугарската страна да се зголеми притисокот во гасоводот од постојните 36 на 48 бари за да се зголеми протокот на гасоводот. Тоа, како што рече, се прави со цел да се направат напори да се снабдуваме со гас и од други извори освен од Гаспром кој до 2030 година целосно го има закупено моменталниот капацитет на гасоводот. Најави дека до крајот на годинава ќе започне и изградбата на гасоводот со Грција.

И претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски вчера потврди дека се исполнети сите предуслови за нормално започнување на грејната сезона во Скопје од 15 октомври.

15.10.2022 - 10:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега