„Вреди“ со унифициран став за една изборна единица: Меџити најавува конкретен предлог!

 


Вреди денеска или утре ќе излезе со унифициран став во врска со иницијативата за една изборна единица, рече првиот вицепремиер и министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Како што истакна Меџити, одговорајќи на новинарски прашања, вчера било разговарано и ќе се излезе со конкретен предлог.

-Вчера разговаравме, денес-утре и Вреди ќе излезе со конкретен предлог. Имајте предвид дека во Вреди има четири-пет политички субјекти, во минатото имаше различни размислувања, но како и да е, ќе имаме унифициран став деновиве, изјави Меџити по почетокот на конференцијата за животна средина.

Во однос на мнозинството, повтори дека е стабилно, но и дека се работи на негово зголемување. На прашањето дали можеби освен со Европскиот фронт разговара и со Тачи, одговори дека никој не е исклучен.

-Прво, мнозинството е стабилно, посветено на програмата, проектите и на решевање на проблемите на граѓаните. Во втор план има најави и се зголемува мнозинството, работиме на тоа. Ќе бидете известени, но во принцип се разговара со пратениците од Европскиот фронт, информира Меџити.

Тој информира и дека мнозинството веќе доставило Предлог-закон според кој и Инспекторатот за јазиците како и останатите инспекторати, треба да биде дел од министерство. Меџити ги повика ДУИ и опозицијата да го изгласаат овој закон, зашто најприродно е, рече, Инспекторатот за јазиците да биде дел од Агенцијата за јазици.

-Ги повикувам ДУИ и опозицијата да го изгласаат овој закон, да го решиме проблемот со вработените, тие да земаат плати, а во наредна фаза ќе работиме во насока Агенцијата за јазиците да премине на исто ниво како и Агенцијата за храна за да може потоа да го преземе Инспекторатот за јазиците, да биде дел од Агенцијата зашто и кога е донесен е донесен со лекс специјалис, па многу поприродно е тој Инспекторат да биде дел од Агенцијата за јазиците отколку од Министерството за правда. Време е, како што ДУИ ги оставиле половично сите други работи, и овој Инспекторат да може да изрекува меродавни казни, а не кога ќе констатираат пропусти да отвораат постапки по судови, подвлече првиот вицепремиер и министер.

Меџити и во оваа прилика, прашан за скопската градоначалничка Данела Арсовска, повтори дека таа е инструмент на ДУИ и Блерим Беџети.

05.06.2025 - 12:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега