Внукот на претседателот на Крушевската Република: Најголема болка ни е што Никола Карев беше избришан од химната

 

На средбата со Трајко Карев, еден од четворицата внуци од најстариот брат на  претседателот на Крушевската република, Никола Карев, го испивме кафето во „Крушевската одаја“.

Веднаш пред споменикот на Никола Карев, пред Гумење, е куќата на Кареви. А, нив ги има повеќе фамилии.

Седумдесет и осум годишниот Трајко, со задоволство и гордост, ја почнува својата приказна за славниот дедо.

- Цел живот ги слушав приказните од дедо ми Петруш, најстариот брат на Никола Карев. Знам сѐ за Илинденското востание, за дедо ми - претседателот на Крушевската Република. Живо се сеќавам и на пренесувањето на неговите останки во 1953 година во Македониумот, вели Трајко Карев.

Откако од осум години останал сирак, Трајко постојано бил со својот дедо Петруш.

- Седум години, дење и ноќе, бев со дедо ми Петруш, најстариот брат на Никола Карев. И сите приказни ми ги раскажуваше, а јас желно ги слушав и ги чував во себе. Дедо ми Петруш беше жив илинденец. Секој втор ден бевме „на терен“. Ми покажуваше места, локалции, како било за време на Илинденското востание. Дедо ми Петруш живееше 95 години. Живееше до 1963 година кога јас имав 14 години. Го паметам, секој ден носеше бастун во десната рака, а со левата ме држеше мене за рака, раскажува Трајко Карев, токму наспроти споменикот на неговиот славен дедо, Никола.

Приказните што ги слушал од дедо му Петруш велеле дека Никола Карев бил многу симпатичен, харизматичен и многу убав човек.

Трајко споменува дека Никола Карев и Христо Узунов биле против предвременото востание на Смилевскиот конгрес. Но, ги надгласале. Сепак, почнал да ги подготвува сите села за востанието. Ги организирал со писма.

- Ноќта на 1 август, на полноќ, организира да ја нападнат касарната во Крушево додека бијат камбаните. Но, сето почнало 15 минути пред полноќ, вели Трајко Карев.

Никола бил целосно предаден на Републиката. И предвидел кога ќе се одмаздат Турците. Затоа Штабот распределил 22 товари брашно и три товари сол скриени на местото викано „Павле чешма“. За да не страда населението.

Трајко вели дека е неточно дека мајка му на Никола Карев се викала Марија. Нејзиното име било Петкана и била од крушевското село Свето Митрани.

Трајко ја памети приказната дека левата рака на Никола Карев била повредена  при работа со пила како чирак на Христо Узунов, по востанието кога бил во Софија. Тоа, децении подоцна, се покажало како клучно да се одреди дека коските пронајдени во Кочанско се на Никола Карев за да се положат во криптата во Македониумот.

Моментите на закопувањето на моштите на Никола Карев во Македониумот во 1953 година Трајко лично ги доживеал на девет години. Прво биле згрешени.

- Се сеќавам како вчера да беше. Дедо ми Петруш зеде две кутии локум. За да даде за душа. А, во меѓувреме, пред музејот кој беше во центарот на Крушево, сестра му Тана, сестра и на дедо ми Никола Карев, постави казан за да ги мие коските на Никола. Кога го миела черепот, дедо ми Петруш ја запрел и ѝ рекол: Мори Тано, ова не е брат ми. Тој имаше мала глава и беше симпатичен. Дај да ја видам коската од левата рака. Настана хаос. Имаше и милиција.

Коската го немаше задебелувањето што го здобил Никола Карев како чирак во Софија, раскажува Трајко.

Коските ги вратиле во Лајчани, Кочанско. Се појавил пензионерот Чичко Тозо кој кажал каде е закопан Никола Карев. Тогаш Петруш потврдил дека тоа се коските на Никола Карев.

- Коските беа префрлени во саркофаг. Но, имаше премрежје при преносот на коските. Зашто се пренесуваа во обична количка. Но, на крајот сѐ се исправи, вели Трајко Карев, задлабочен во мислите како да се вратил низ времето.

Семејството Кареви, смета Трајко, било прогонувано. Ама најголемата болка е што е избришан од химната. Вели, до ден-денес од историчарите не добил одговор на тоа кој е гревот на Карев за да биде избришан од химната.

- Тоа се времињата. Ама во Крушево имаме почит. Секој ден ме поздравуваат крушевчани, разговараме и низ кафе пак ги враќаме сеќавањата. Крушево не може без илинденските сеќавања. Ниту ние без херојско Крушево, заклучува Трајко Карев, внукот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев.

02.08.2025 - 15:11

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега