Владата и Македонски Телеком потпишаа стратешки меморандум: Гигабитни мрежи, 5G и нов дата-центар за дигитална Македонија

 


Во име на Владата на Република Македонија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес потпиша меморандум за соработка со Македонски Телеком, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Потпишувањето на овој стратешки документ претставува значаен чекор кон унапредување на дигиталната инфраструктура.

Андоновски истакна дека ова е стратешки чекор напред во делот на дигиталната трансформација на државата и олеснување на барањата на граѓаните. 

„Денешното потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Македонски Телеком претставува стратешки чекор напред во нашата визија за дигитална Македонија – инфраструктурно поврзана, технолошки напредна и економски конкурентна. Со овој документ ја подигнуваме соработката на едно повисоко ниво – од досегашна меѓусебна поддршка, кон долгорочно стратешко партнерство со јасно дефинирани цели и заедничка одговорност'', истакна Андоновски. 

Министерот за дигитална трансформација дополни дека освен во инфраструктурата, ќе се вложува и во луѓето. 

„Македонски Телеком, како водечки приватен инвеститор во дигиталната инфраструктура и истовремено компанија со државен капитал, ќе се посвети на инвестиции со кои ќе обезбеди поврзување на 450.000 домаќинства и компании со гигабитни фиксни мрежи, да ја прошири покриеноста со 5G мрежа, и да изгради нов Tier 3 дата-центар. Но ова партнерство не е само инвестиција во инфраструктура и сервери – туку инвестиција во луѓето. Во рамките на овој Меморандум предвидуваме и активности за дигитална писменост, сајбер безбедност, поддршка на дигитални вештини во образованието и опрема во основните училишта“, подвлече министерот.

Наша визија е дигитализацијата да не ги оддалечува институциите од граѓаните, туку да ги приближува. Да создаде доверба, предвидливост и достоинство во секое административно искуство. Со вакви партнерства, покажуваме дека Македонија може да гради дигитална иднина што не ги заборава луѓето. Напротив – ги става во нејзиниот центар“, заклучи Андоновски.

17.07.2025 - 15:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега