(ВИДЕО) Шукова: Секое маало во Скопје сведочи за неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ
Граѓаните точно знаат од кого беше доведено Скопје до оваа состојба и кој е виновникот за катастрофата со која се соочува градот. Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи хаос, неодговорност и целосно игнорирање на интересите на граѓаните, изјави на денешната прес-конференција кандидатката на СДСМ за градоначалничка Каја Шукова.
„Никогаш нашиот град не бил толку далеку од своите граѓани. Ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ владее со градот. Тие го претвораат градот во свој партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди. Го претворија Скопје во заложник на нивните расправии и интереси сега, а во следните четири години ќе го претворат во поле за лични и партиски профити. Наместо да управуваат одговорно, го жртвуваа Скопје за да се пресметуваат со градоначалничката што прво ја поддржаа, а потоа ја отфрлија. Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех. И тоа ние, Скопјани, нема да го дозволиме повторно.
Сите знаеме низ што помина градот: јавен превоз целосно уништен, ѓубре насекаде и без систем за чистење, преполни контејнери. Културно пропаѓање без дно и уништување на целиот урбан дух на градот е резултат само на ВМРО-ДПМНЕ – на никој друг.
Скопјани очекуваат решенија. Очекуваат искреност и политики што носат резултати. Очекуваат чист, уреден, културен град. Очекуваат градоначалник со визија и план, без лажни ветувања и хартиени мегапроекти. А што нудат тие? Додека Скопје се дави во урбанистички хаос, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, отворено го брани криминалното дивоградителство во Чаир. Наместо одговорност и решение, гледаме позирање со коалициските партнери од ВЛЕН – истите што го создадоа овој урбанистички хаос“, изјави Шукова.
24.08.2025 - 12:39
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа