(ВИДЕО) Огромна експлозија во хемиска фабрика во Кина: Има загинати и исчезнати

 


Најмалку пет лица загинаа, а шест се водат за исчезнати по силната експлозија во хемиска фабрика во источна Кина вчера, соопштија локалните власти. Експлозијата исфрли огромна колона од сив и портокалов чад и ги скрши стаклата на околните згради, а беше започната и голема спасувачка операција.

Несреќата се случила во фабрика во градот Гаоми, провинцијата Шандонг, неколку минути пред пладне по локално време, објавија локалните медиуми. Причината за експлозијата не е соопштена. Локалните власти соопштија дека 19 лица се здобиле со полесни повреди.

На кинеските социјални мрежи беа објавени снимки на кои се гледа како густ чад се издига над зградите во индустриската зона. На некои ниски згради во близина им беа скршени прозорците. Противпожарните и спасувачките служби на терен испратија 55 возила и 232 лица, а Министерството за вонредни состојби испрати работна група и дополнително засилување, се вели во соопштението на Министерството.

Вработена во хотел лоциран на околу три и пол километри од фабриката изјави за Си-Ен-Ен дека ја слушнала експлозијата околу пладне.

„Беше многу гласно. Траеше само еден момент“, рече таа, додавајќи дека хотелот не е оштетен.

Работничка од фабрика оддалечена околу шест километри изјавила дека прво слушнала силна експлозија, а потоа почувствувала тресење и „силен налет на ветер“.

„Тој силен налет толку многу ме исплаши што немав храброст да ја напуштам канцеларијата“, вели таа. „Се искршија вратите и прозорците на фабриката“.

Компанијата „Шандонг Јудао Хемикал“ е во сопственост на корпорацијата „Химил груп“, која ја поседува и компанијата „Химил Механикал“, чии акции вчера попладне паднаа за речиси четири отсто, пренесува Ројтерс.

Шандонг Јудао Хемикал е основана во август 2019 година, зафаќа повеќе од 46 хектари во Хемискиот парк Гаоми Ренхе и вработува повеќе од 300 луѓе, според веб-страницата на компанијата.

Компанијата, според нејзината веб-страница, се занимава со развој, производство и продажба на пестициди, фармацевтски производи и хемиски меѓупроизводи.

28.05.2025 - 18:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега